18.11.2012, 12:00 Продолжуваат израелскo-палестинските вооружени напади
Израелската воена авијација во текот на ноќта нанесе повеќе удари во Појасот Газа, а палестинските борци изутринава ги обновија ракетните напади врз израелска територија
Израелската воена авијација во текот на ноќта нанесе повеќе удари во северниот дел на Појасот Газа, при што загинаа двајца Палестинци, а 16 се повредени, вклучително шестмина новинари.
Во Бејт Ханун и Бејт Лахија, мали градови во близина на границата со Израел загинаа двајца Палестинци, а најмалку 10 беа повредени.
Израелската авијација бомбардираше комплекс згради во центарот на Газа, каде се сместени канцелариите на голем број медиуми, меѓу кои на телевизијата „Ал Кудис“, која е блиска до владејачкото движење Хамас. Во нападите се повредени шестмина новинари, јавија палестински лекари.
Израел, паралелно со воздушните напади распореди и пешадиски единици на границата со Појасот Газа, но се уште нема наредба за евентуална инвазија.
Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека болниците во Газа се преполни со повредени од израелските бомбардирања, како и дека се соочуваат со недостиг на лекови и основни медицински материјали.
Здравствената агенција на ОН побара 10 милиони долари од донатори, за да се обезбедат лекарствата што недостигаат во следните три месеци.
СЗО, повикувајќи се на претставници на министерството за здравство на Газа, соопшти дека во конфликтот се повредени 382 лица, меѓу кои 245 возрасни и 137 деца.
Израел е подготвен да го зголеми обемот на воени операции против Појасот Газа
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека Израел е подготвен значително да го прошири обемот на воените операции против борците на Хамас во Појасот Газа.
- Ние плаќаме превисока цена за акциите на Хамас и другите терористички организации. Армијата е подготвена значително да ја зајакне операцијата. Војниците се подготвени за секаков развој на ситуацијата, нагласи Нетанјаху на почетокот на неделната седница на кабинетот.
Палестинските борци ги обновија ракетните напади врз израелска територија
Палестинските борци изутринава ги обновија ракетните напади врз израелска територија. Три ракети паднаа во пристанишниот град Ашкелон, но нема повредени, соопшти израелската армија.
Јужен Израел често е цел на ракетни напади од Појасот Газа. Првата ракета погоди четирикатна станбена зграда во градот Ашкелон. Втората ракета уништи неколку возила паркирани до зградата, а третата била пресретната над Ашкелон од системот за противракетна одбрана „Железна купола“.
Хезболах се закани ако Израел почне копнена операција во Газа
Лидерот на либанската шиитска група Хезболах, Сајед Хасан Насрала, доцна изјави дека секој обид на израелските сили да преземат копнена офанзива против Хамас во Појасот Газа ќе претставува „бесмислен чекор“.
- Израел ќе напари глупава грешка, ако одлучи да започне копнена операција во Газа, изјави Насрала за време на шиитска религиозна церемонија во јужниот дел на Бејрут.
Отпорот во Газа поседува моќ, решителност и способност да планира, изјави Насрала, нагласувајќи дека огненаат моќ на екстремистите од Хамас ги држи Израелците постојано на штрек. |