19.11.2012, 15:28 ЈСП ќе го доградува крстот на Водно
Не е утврдено дали претпријатие и ќе стопанисува со објектот со кој се' уште управуваат од Фондацијата „Милениумски крст“
ЈСП „Скопје“ ќе го доградува Милениумскиот крст. Претпријатието веќе бара фирма за архитектонски услуги, односно за изработка на проект за изградба, надградба и доградба на објектот. Засега, како што објаснуваат од сообраќајното претпријатие, сигурно е дека со овој проект ќе се дозаврши изградбата на водоводната мрежа и на електроинсталацијата која со години не се изгради па од тие причини не заживеа ниту ресторантскиот комплекс. Така, и Фондацијата „Милениумски крст“ не црпеше редовен приход од издавањето на ресторанот кој не проработи токму поради немање водовод.
Со проектот ЈСП планира да ги санира и оштетените делови на објектот и да заврши со партерното и хортикултурно уредување на просторот кој неодамна заличи со неколку зафати што ги презедоа градските власти.
Од каде идејата токму ЈСП „Скопје“ да го доуреди препознатливиот објект на Водно, надлежните не прецизираат. Не кажуваат ни дали ова значи дека претпријатието автоматски ќе го преземе и стопанисувањето со Крстот со кој сега раководат од Фондацијата „Милениумски крст“.
„Засега нема одлука дали ние ќе го преземе стопанисувањето на Крстот. Таква можност не е исклучена и допрва ќе се разгледува. Сега сме сконцентрирани на тендерот за доуредување на објектот“, накусо коментира Мишо Николов, директор на ЈСП и вели дека се' уште не е проценето колку ќе треба да се вложи за изведба на планираните зафати.
Инаку, доколку се случи преземање на Милениумскиот крст од страна на ЈСП, тоа ќе биде можеби и логичен чекор со оглед на тоа дека отворањето на Жичарницата со која стопанисуваат од претпријатие, всушност, го заживеа Крстот. Од Фондацијата „Милениумски “ денеска не беа достапни да објаснат дали доизградбата на објектот од страна на ЈСП ќе значи дека Фондацијата ќе се тргне од целиот проект. Досега, всушност, Фондацијата во неколку наврати бараше Град Скопје или некој друг субјект да го преземе управувањето со Крстот, односно покривањето на трошоците за негово одржување и потребните дополнителни вложувања во него. (Дс.Т.) |