19.11.2012, 14:25 Девојка тешко повредена по пад од тераса во Тетово
Деветнаесетгодишна девојка е тешко повредена по пад од тераса од четврти кат од зграда во Тетово. Таа веднаш е префрлена на скопските клиники каде што лекарите констатирале тешки повреди на телото. Причините за падот од терасата од зградата во која живеела тетовката се' уште се непознати. Во моментот на несреќата со неа било и 24-годишно момче. Полицијата засега ја има само неговата верзија за она што се случувало вечерта пред несреќата. Дали девојката сама посегнала по својот живот, фрлајќи се од терасата или, пак, станува збор за нешто друго, допрва ќе утврдува истрагата.
Клучно, според извори о�� истрагата, се очекува да биде разговорот со девојката, кога ќе се стабилизира нејзината здравствена состојба.
Според првичните информации, случајот во тетовската полиција го пријавил случаен минувач кога ја видел девојката, која скокнала од терасата од стан во станбена зграда на улицата „Видое Смилевски-Бато“. Повредената девојка веднаш со возило на Брза помош била пренесена во Клиничкиот центар во Тетово, од каде што поради сериозните повреди е испратена на лекување во Скопје.
„Полициски службеници излегоа на местото на несреќата, при што го утврдија идентитетот на 19-годишната девојка. Увидна екипа од СВР – Тетово, истражен судија и јавен обвинител изврши увид на местото на настанот, при што се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од полицијата.
Инспектори од тетовската полиција веќе разговарале со 24-годишното момче, кое било ноќта со девојката во нејзиниот стан. Тој дал свое видување за настанот, но извори од полицијата велат дека се проверува неговото тврдење, кое ќе биде комплетирано кога ќе се добие и изјавата од повредената девојка. (Х.Р.) |