19.11.2012, 09:49 Протести во Јордан по укинувањето на субвениците за гориво
Илјадници луѓе синоќа се вклучија во протестите низ цел Јордан против одлуката на владата да ги укине субвенциите за горива.
Вчера беше петиот ден од демонстрациите против владината одлука, а протестите често пати беа проследени од насилство, а епилогот до овој момент е еден загинат, 70 ранети и 200 уапсени.
Престолнината Аман, која е „епицентар“ на демонстрациите, синоќа беше сцена на три одделни митинзи со повици владата да поднесе оставка заради укинувањето на субвенциите за горива.
Околу 300 учесници во еден од протестите дури го повика кралот Абдула Втори да абдицира.
Согласно јорданското законодавство упатувањето пораки до кралот и закани против владата се кривични дела што се казнуваат со затворски казни од 10 години.
Според властите, протестите синоќа минале без инциденти.
Над 80 проценти од училиштата во Јордан вчера останаа затворени (прв ден от новата недела) заради штрајкот на учителите против укинувањето на субвенциите за горива.
Оваа мерка доведе до нагло поскапување на горивата за 33 проценти и на гасот за домаќинствата за 50 проценти.
Јорданските власти, меѓутоа, оваа своја одлука ја бранат со аргументот дека укинувањето на субвенциите во вкупна вредност од 1,2 милијарди долари била неопходна за надминување на финансиската криза. |