15.11.2012, 15:29 Неготинецот што ја закла мајка си, испратен на лекување во Бардовци
Велешкиот суд ја определи мерката за безбедност откако психијатрите од Клиничкиот центар во Скопје го прогласија Димитар Спасов за непресметлив
ВЕЛЕС - Основниот суд во Велес донесе одлука неготинецот Димитар Спасов (23), кој ја закла својата мајка Нада (57) и ја фрли во контејнер, да се однесе на лекување во психијатрсиската болница во Бардовци.
Судот ја определил мерката за безбедност откако психијатрите од Клиничкиот центар во Скопје го прогласија за непресметлив. Според вештите лица, Спасов во моментот на убиството бил во параноидна халуцинациона состојба. Поради тоа што е опасен за околината, Судот одлучи да го испрати на лекување во Бардовци, од каде и претходно беше донесен во судот во Велес.
Тој во психијатриската болница заврши десет дена по убиството откако нападнал притвореници во затворот во Шуто Оризари, а потоа и стражарите. Од Дирекцијата за извршување санкции тогаш потврдија дека Спасов се однесувал агресивно. Тој им се нафрлил на двајца притвореници што ја делеле ќелијата со него, а кога интервенирале стражарите и нив почнал да ги удира. Поради тоа, осомничениот беше префрлен во Бардовци за психијатрите да ја оценат неговата психичка состојба.
Грозоморното убиство се случило на 15 јули годинава во Неготино во семејниот стан во центарот на градот.
„Мисијата е завршена! Ја заклав, ја задушив!“ Ова се само дел од пораките што ги оставил Спасов на социјалната мрежа „Фејсбук“ откако ја заклал мајка си. Спасов цела вечер пишувал нејасни пораки во кои може да се навести дека сторил злосторство. Во една од нив тој напишал: „Нова мајчинска љубов. Те сакам мајка и татко нека те суди…што му немаш појдено на гробот!“
Мајка му била хигиеничарка во здравствен дом, каде повремено работела. Неговиот татко, кој работел како стоматолог во Неготино, починал пред некоја година.
Тој беше уапсен откако вработените од комуналното претпријатие го забележале во моментот кога се обидувал телото на својата мајка облеано во крв да го фрли во контејнер пред зградата. (П.П.) |