19.11.2012, 10:16 Червар: Не го издржавме притисокот
„Паднавме во играта во последните 13 минути и се што направивме дотогаш практично го „истуривме“, изјави првиот човек на клупата на Металург
Ракометарите на Металург синоќа во СЦ„ Борис Трајковски“ во натпреварот од 5.коло од Лигата на шампионите го доживеаја првиот пораз оваа сезона, а како клучен момент за таквиот исход тренерот Лино Червар го посочи притисокот под кој потпаднаа неговите избраници.
- Заслужена победа за гостинската екипа. Ние не го издржавме притисокот и жалам за пропуштената шанса. Паднавме во играта во последните 13 минути и се што направивме дотогаш практично го „истуривме“. На крајот не ја игравме нашата игра, не игравме тимски, рече Червар на прес-конференцијата по натпреварот со Киелце кој Металург го загуби со 23:21.
Во редовите на гостите Урош Зорман изрази задоволство од атмосферата во „Борис Трајковски“ и од победата на неговата екипа.
- Натпреварот се одигра во одлична атмосфера. Беше задоволство да се игра тука. На крајот морам да потенцирам дека победи малку посреќниот тим, а ние покажавме карактер, истакна Зорман.
Следниот натпревар Металург го игра повторно против Килеце но овојпат на гости в сабота (24 ноември).
|