18.11.2012, 21:15 Балканско-балтичка група за Македонија
„Црвено-жолтите“ против Литванија, Летонија, Црна Гора, Србија и БиХ во прелиминарната фаза во Јесенице
Постојнска Јама не и' донесе среќа на нашата најдобра кошаркарска репрезентација во ждребувањето за претстојното Европско првенство 2013 година во Словенија. Македонија се најде во исклучително тешката група Б заедно со три селекции од поранешната СФРЈ, Црна Гора, Хрватска и БиХ, како и двете балтички земји Литванија и Летонија.
На трочлената македонската делегација во Словенија, составена од претседателот Даниел Димевски, генералниот секретар Дејан Лекиќ и директорот на реп��езентациите Илија Мерџановски не им се исполни желбата првата фаза од евробаскетот да ја играме во Копер.
Јесенице е градот во кој нашите најдобрите кошаркари ќе ги одиграат дуелите во групата Б од која само трите најдобро пласирани селекции ќе обезбедат место во следната фаза.
За противници добивме селекции со кои ги одмеривме силите на минатогодишното ЕП во Литванија каде што во четвртфиналето со историската тројка на Владо Илиевски го совладавме домаќинот и влеговме во полуфиналето.
Доста интересно е што и на овој континентален собир првата средба ќе ја одиграме против Црна Гора со која се сретнавме на отворањето и во Литванија кога претрпевме пораз. Со селекцијата на Босна и Херцеговина имаме позитивно искуство, во групната фаза минатата година забележавме победа, а додека Летонија е противник кој го паметиме по квалификациите за ЕП 2009 година. Станува збор за квалитетна селекција со која во Рига загубивме минимално, но на реванш-средбата во Скопје ја совладавме убедливо.
Само Србија е единственото име во групата Б со кое немаме одиграно официјален натпревар.
„Добивме група во која нема слаба репрезентација. Мислам дека секој секого може да победи и ниту еден тим не може да смета на сигурни бодови против ниту еден противник. За нас е најважно ние да бидеме здрави, комплетни и добро подготвени. Периодов сме фокусирани токму на тоа, да организираме што е можно подобри подготовки во пресрет на евробаскетот“, изјави по ждрепката генералниот секретар Дејан Лекиќ.
По првиот меч со Црна Гора (4.19.2013), Македонија следниот ден ќе се сретне со Литванија, по што следуваат дуелите со Србија, Бих и Летонија.
Европското првенство ќе се одржи од 4 до 22 септември и ќе се игра во четирите словенечки града: Љубљана, Јесенице, Копер и Целје. На Церемонијата на извлекувањето во Постојнска Јама беше претставена химната на ЕП, маскотата Липко, и беше одигран еден натпревар три на три во кој настапија познати европски кошаркари.(М.К.)
Стефанов: Очекував силна група
„Очекував силна група, но искрено на крајот не ја посакував селекцијата на Србија. Многумина ги издвоија фаворитите, односно аутсајдерите, тука мислам на БиХ и Летонија, кои според мене имаат еднаква шанса да се пласираат во следната фаза. Не би издвоил ниту една селекција сите ќе настапат со одредени промени, а од нас ќе зависи какво Европско првенство ќе не' очекува. До тогаш посакувам само здрави да ги пречекаме подготовките, бидејќи се' ќе зависи од нив“, вели директорот на репрезентацијата и некогашен капитен Врбица Стефанов.
Македонија за разлика од минатогодишниот евробаскет, ги нема во составот Владо Илиевски и Тодор Гечевски што пак создава песимистичка атмосфера особено за дуелот против Литванија, чија победа долго време ќе биде врежана во мислите на македонската јавност.
„Оние што ја разбираат кошарката треба да знаат дека промената на генерации мораше да се случи. Подоцна или порано се очекуваше вакво нешто особено во нашиот национален состав. Заминувањата на Илиевски и Гечевски, како и промената на селекторското место не е причина да не бидеме фаворити, верувам дека натпреварите ќе бидат доста изедначени бидејќи и другите селекции ќе претрпат одредени промени. Како што реков, се' ќе зависи од нас, со квалитетни и навремен старт на подготовките може да очекуваме добри резултати“.
Група А (Љубљана): Франција, Велика Британија, Германија, Украина, Белгија, Израел.
Група Б (Јесенице): Македонија, Литванија, Црна Гора, БиХ, Летонија, Србија.
Група Ц (Целје): Шпанија, Словенија, Хрватска, Полска, Грузија, Чешка.
Група Д (Копер): Русија, Грција, Италија, Финска, Турција, Шведска.
Распоред на натпреварите:
Македонија - Црна Гора (04.09.2013)
Македонија - Литванија (05.09.2013)
Македонија - Србија (06.09.2013)
Македонија - БиХ (08.09.2013)
Македонија - Летонија (09.09.2012)
|