16.11.2012, 13:15 Илиевски му пресуди на Жалгирис
Македонскиот бек постигна 16 коша и ги погоди двете слободни фрлања за победата од 108:106 по две продолженија
Поразот од МЗТ Скопје во АВА-лигата се покажа како отрезнувачки за кошаркарите на Цедевита, кои во Евролигата по две продолженија во Загреб го совладаа Жалгирис со 108:106, нанесувајќи му го првиот пораз сезонава. Ако против „металците“ беше „тивок“, во дуелот со некогашниот европски првак главната улога ја имаше Владо Илиевски. Македонскиот бек ја даде најдобрата партија сезонава и токму тој беше главниот вивновник за тоа што Цедевита дојде до втората победа во најелитното европско клупско натпреварување. Илиевски постигна две клучни тројки во регуларниот дел, кој заврши 85:85, како и во второто продолжение, кога неговиот тим имаше негатива од 100:104, а ги погоди и двете слободни фрлања во самиот финиш. Средбата ја заврши со 16 поени (4/5 за три поена, 1/1 за два, 2/2 за еден), како и со две асистенции и еден скок.
Вториот македонски репрезентативец во редовите на Цедевита, Маркиз Грин, запиша осум поени и три асистенции. По шестото коло тимот од Загреб е на петтото место во групата Ц, во која Жалгирис остана лидер.
Предраг Самарџиски и неговиот Литвос Ритас, пак, го запишаа и петтиот пораз сезонава, откако на домашен терен беа совладани од ЦСКА Москва со 71:62. Репрезентативниот центар на Македонија во игра помина нецели десет минути и не се запиша во листата на стрелците, а зад неговото име стоеја само по еден скок, асистенција и неуспешен обид од поле. Литвос Ритас и понатаму е на последното место во групата Д.
Третиот наш претставник во Евролига, Перо Антиќ, со бранителот на титулата Олимпијакос синоќа му гостуваа на Каха Лаборал во групата Ц. (М.К.)
Резултати:
Група А: Олимпија - Канту 81:79, Химки - Фенербахче 71:70, Панатинаикос - Реал М. 79:68
Група Б: Проком - Шалон 70:76, Макаби - Уникаха 62:64, Алба - Монтепаски Сиена 73:75.
Група Ц: Цедевита - Жалгирис 108:106 (продл).
Група Д: Партизан - Бешикташ 87:72, Б. Баскет - Барселона 66:86, Литвос - ЦСКА М. 62:71.
|