19.11.2012, 15:33 Се проширува полициската акција „Керозин“
Директорот на ДЈБ, Љупчо Тодоровски најави проширување на истрагата. Од МРВ најавуваат дека ќе се работи на откривање на оние лица кои биле поткупувани од криминалната група, но и да се утврди висината на штетата која што „Алма-Комерц“ ја причинила во изминативе четири години, дотолку повеќе што организаторот на групата и претходно бил кривично пријавуван.
Само во изминатава година неготинската компанија „Алма-Комерц“ успела да добие близу 150 тендери, по редовно понудена цена од 60 денари, и на тој начин се стекнувала со право да врши транспорт и испорака на нафта за греење за државни органи и институции, но и за градинки, училишта и здравствените домови. Токму оваа фирма, цели четири години, нудела најниски цени на нафта за греење и на тој начин ги елиминирала конкурентите и покрај тоа што цените биле економски неоправдани.
Сомежите дека „Алма-Комерц“ работи на нечесен начин најпрво дошле од јавните гласила кои информирале за „ладни радијатори“ во болници и училишта и покрај тоа што фирмата вршела испорака на нафта за греење.
„Откако, првично, ги добивме инфорамциците од медиумите пристигнаа нови сознанија и од таканаречени ’странични извори’, односно од лица кои биле во тек со работата на криминалната група. Малку потоа, ангажиравме уште две други лица со цел да се направат дополнителни проверки“, вели директорот на Бирото за јавна безбедност, Љупчо Тодоровски.
Меѓу другото од „инволвираните“ во криминалната група дознале дека тие поседуваат повеќе камиони-цистерни и дека постојат две идентични цистерни.
Системот на работата бил осмислен од првоосомнчениот Ангел Пецов, кој се јавува како сопственик на „Алма-Комерц“, а за комплетирање на работа се грижел неговиот син Љупчо Пецов, кој, пак, е сопственик на фирмата „Алма Шпедиција“.
Идентичните цистерни или цистерни-близначки биле дел од планот, односно тие биле користени во случаи каде што групата не можела да ги поткупува оние лица кои биле задолжени за прием на нафтата. Според планот, едната цистерна, во присуство на комисија, во кругот на Железарницата, се мерела вкупната тежина на цистерната вклучувајќи го тука и товарот од нафта. Полна цистерна, заедно со камионот тежела 37 тони, но кога требало да се замине кон корисникот на нафтата која требало да биде испорачана, полната цистерна по пат се губела или пријавувала дефект. Времето кое што го добивале се користело за менување на регистарските таблички, а потоа возачот се префрлал во полупразната цистерна. Разликата во тони била чиста добивка за сопственикот на „Алма-Комерц“, а нафтата која што ја „ќарувале“ им ја продавале на приватни лица.
|