16.11.2012, 15:38 „Катимерини“: Филе затрчан по датум
Атина - „Еврокомесарот Штефан Филе трча од Брисел до Скопје, Атина, Берлин и Софија, но не ги добива саканите реакции“, тврди весникот „Катимерини. Коментирајќи ја неговата одлучност да и помогне на Македонија да добие датум за преговори во декемви, весникот оценува дека еврокомесарот веројатно не ги добил посакуваните рекации.
„Во Берлин му потенцираа дека не е време за тоа, дека треба прво Грција и Скопје да најдат заедничко решение“, пишува весникот додавајќи дека во Атина му било потенцирано дека, ако премиерот Никола Груевски не го смени бескомпромисниот став и нападниот национализам, не може ништо да се направи.
Весникот оценува дека Филе, за да ја оствари целта за паралелни преговори за името и за ЕУ, користи силна, екстремна термионологија, посочувајќи дека доколку не се започнат преговорите има опасност за зголемување на национализмот во државата. Меѓутоа, според анализата, Филе не објаснува зошто Атина и Софија би требало да го наградат иредентизмот на Груевски. „Зошто грчката страна да даде толку многу без да добие ништо? Дали навистина верува дека грчкиот премиер би сакал да изврши политичко самоубиство понудувајќи му таков подарок на Скопје, за Груевски да слави дека ги турнал поразените Грци под мостовите на Вардар?“, пишува „Катимерини“.
Според анализата, Филе за да успее мора да ја добие поддршката од Грција, Бугарија и некои други држави кои не сметат дека се созреани условите за македонско членство во ЕУ. Весникот коментира дека еврокомесарот со личното залагање за нашата држава може од некој кој треба да го реши проблемот да стане дел од самиот проблем меѓу двете страни. (М.П.)
|