16.11.2012, 17:01 Ѓунер Исмаил прогласен за соработник на тајните служби
Комисијата за лустрација затвори четири досиеја. Судија, ексдиректор од Битола, познат литерат и поранешен министер се прогласени за кодоши
Судија, ексдиректор од Битола, познат литерат и поранешен министер се прогласени за соработници на тајните служби на вчерашната седница на Комисијата за лустрација. Една година по отворањето на досието за поранешниот професор, министер за култура и портпарол на Влада, Ѓунер Исмаил, лустраторите вчера информираа дека добиле дополнителни докази и сознанија околу неговата соработка со тајните служби.
„Членовите на Комисијата со шест гласови ’за’, два воздржани и три гласа ’против’, оценија дека тој бил соработник на тајните служби од идеолошки причини. Од декември до сега пронајдени се нови документи и сознанија врз основа на кои членовите на комисијата ја донесоа оваа одлука. Во документите поранешниот министер се именува како оперативна врска, а има потпишано и своерачна изјава за акција насловена како ’Трговци’. Во неа биле опфатени и малолетници чиј класен раководител бил професорот и неговите изјави ги дополниле досиејата на учениците од кои некои биле избркани, а дел завршиле и во затвор“, велат извори од Комисијата за лустрација.
Ѓунер Исмаил за „Утрински весник“ вели дека тотално ја игнорира лустрацијата како процес. Потсетува дека тој е еден од поднесувачите на кривичната пријава против иницијаторите на новиот Закон за лустрација и против оние кои ја донесоа оваа регулатива.
„Ова е само уште еден доказ дека власта се плаши од мене и од уште многу други работи. И треба да се плашат“, вели Исмаил, кој не планира да ја обжали одлуката на лустраторите.
Покрај него, на лустрациската маса вчера се најдоа уште неколку предмети, од кои тројца се прогласени за соработници, а едниот предмет е одложен за обезбедување дополнителни факти.
Во првиот случај станува збор за актуелен судија во Основниот суд во Кичево, кој веќе го поминал лустрациското сито, но по барање на трето лице, предметот повторно е отворен со нови сознанија.
„Новите факти несомнено потврдуваат дека судијата бил соработник на тајните служби од идеолошко-политички причини уште од времето на студентските денови. Настапувал од позиција на македонски национализам и како последица на тоа била растурена студентската група на еден од скопските факултети“, вели портпаролот на Комисијата за лустрација, Предраг Димитровски.
Второто лице е директор на значајна институција од областа на културата, познат автор, литерат, кој бил евидентиран како соработник во 1964 година под псевдонимот „Глигор“. Предмет на обработка биле огромен број сликари, новинари, поети, интелектуалци и идни академици. На списокот има и такви кои под притисок ја напуштиле државата и се наоѓаат во странство.
За својата активност добивал и парични средства, тврдат од Комисијата.
Станува збор за особено богато досие, кое делумно е планирано да биде објавено на веб-страницата на Комисијата за лустрација. Досието содржи 180 страници.
Комисијата разгледувала уште еден предмет останат од декември минатата година. Станува збор за поранешен носител на јавна функција, односно директор на јавно претпријатие во Битола, кој е прогласен за соработник со тајните служби од идеолошко-политички причини. (Д.Т.) |