30.11.2012, 14:52 Нови порази за Самарџиски и Илиевски
Литвос Ритас во драматична завршница загуби од Партизан со 75:74, а Цедевита дома беше поразена од Ефес со 81:73
За Предраг Самарџиски и Владо Илиевски и нивните клубови сезоната во Евролигата ќе заврши заедно со групното натпреварување. И двајцата македонски претставници се далеку од обезбедување место во фазата топ 16, на две кола пред крајот на првиот дел се наоѓаат на последното место во нивните групи.
Самарџиски заедно со Литвос Ритас во драматична завршница беа поразени од Партизан со 75:74. Во преполниот „Пионир“ Литванците не можеа да го издржат притисокот на крајот мораа да се помир��т со седмиот пораз сезонава.
Репрезентативниот центар против својот некогашен клуб одигра само седум минути за кои постигна само еден поени, скок и блокада.
Цедевита се' уште не може да стави крај на лошата серија во евролигашкото друштво, под водство на новиот стратег Александар Петровиќ на домашен терен беше совладана од Ефес со 81:73.
Илиевски реализираше седум поени, два скока и една асистенција откако во игра мина 27 минути.
Преостанатите двајца македонски кошаркари во Евролигата своите средби ги одиграа доцна синоќа, Олимпијакос за кој настапува Перо Антиќ и кој веќе обезбеди место во фазата топ 16 му гостуваше на Жалгирис, а додека Фенербахче и Мекејлеб играа во Мадрид. (М.К.)
|