29.11.2012, 15:27 Вујовиќ има рецепт за Магдебург
Тренерот на Вардар про сонува +4 и напад во 58. минута за анулирање на поразот во Германија
Веселин Вујовиќ е непоправлив оптимист и пред возвратниот натпревар со Магдебург в недела во СРЦ „Кале“, верувајќи во елиминација на трикратниот европски првак и пласман во групната фаза на реформираниот Куп на ЕХФ. За тоа ќе мора да биде анулирана негативата од првиот меч во Германија, каде што македонскиот вицешампион загуби до 30:27. Врши работа и победа од три гола разлика, но со помалку примени погодици отколку во Магдебург.
„Имаме негатива од три гола, што значи дека ни е доволно да правиме предност од по еден гол на секои 20 минути, па нека заврши 28:25 за нас. Магдебург е силен тим, кој за 52 минути таму не' победи со осум гола разлика, но ние имаме квалитет за победа со разлика што ќе ни биде доволна. Моја желба е во 58. минута да имаме плус четири и напад, а не прерано да оствариме голема предност и потоа Магдебург да почне да игра така како да нема што да загуби“, е математичката формула за успех на тренерот на првиот освојувач на СЕХА-лигата.
Вујовиќ ќе бара од своите играчи трпелива игра во текот на целата средба, во која очекува фанатична поддршка од своите навивачи за да се фрли на колена бундеслигашот што во 2002 година ја освои Лигата на шампионите. Најмалку од се' посакува реприза од почетокот на првиот натпревар во Магдебург, каде што неговиот тим поведес со 6:1, за потоа да застане и да му ја препушти иницијативата на противникот, шутирајќи избрзано и правејќи грешки што Германците немилосрдно ги казнуваа.
За шестиот меѓусебен дуел со Магдебург во европските купови црвено-црните ќе бидат посилни за Стојанче Стоилов. Кружниот напаѓач на македонската репрезентација ги закопа „воените секири“ со Вујовиќ, поради кои не играше на првиот меч во Германија, им се извини и на соиграчите и ќе биде во составот в недела. (Р.Д.)
|