30.11.2012, 10:02 ЕУ само до начелен договор за буџетот за 2013
Преговарачите од земјите-членки на Европската унија постигнаа синоќа начелен договор за нацрт-буџетот за 2013 година во вредност од речиси 133 милијарди евра, при што трошоците се зголемени за шест милијарди евра.
Тој договор, кој треба да го одобрат владите на земјите-членки на ЕУ и Европскиот парламент, обезбедуваат стабилно финансирање на програмите на Унијата во следната година.
Договорот исто така обезбедува продолжување на реализацијата на неколку програми на подрачјето на вработувањето, образованието и истражувањата, на кои им се закануваше укинување поради недостигот на буџет.
- Постигнат е договор за нацрт-буџетот за 2013 година, кој следните денови ќе биде предаден на разгледување пред Европскиот совет и Европскиот парламент, изјави портпаролот на Европската комисија, но еден анонимен претставник на Унијата предупреди дека одобрувањето на буџетот се` уште не е извесно.
Согласно овој договор буџетот на ЕУ за следната година ќе биде ограничен на максимален износ од 132,84 милијарди евра, што е 2,9 отсто повеќе отколку оваа година. Меѓутоа тоа е значително помалку во однос на зголемувањето од 6,8 отсто, кое го бараа ЕП и ЕК, а претставува мало покачување доколку се земе предвид инфлацијата.
Успешното завршување на преговорите за буџетот на ЕУ за следната година, би им овозможило на владите и на европските лидери да се фокусираат на темата, околу која владите имаат големи несогласувања - долгорочниот буџет за периодот 2014-2020 година. |