01.12.2012, 11:46 Најмалку 26 лица повредени, а 30 уапсени во протестите во Љубљана
Дваесет и шест лица беа повредени, а 30 се уапсени во синоќешните судири меѓу демонстрантите и полицијата во Љубљана.
Во протестите против корупцијата во политиката и јавните услуги учествуваа илјадници луѓе во Љубљана, Марибор и други словенечки градови. Насилството избувна кога група хулигани започнале да фрлаат камења и шишиња кон полицијата, во обид да го пробијат полицискиот кордон и да влезат во зградата на Парламентот. Полицијата употребила солзавец и водени топови.
Во судирите биле повредени меѓу 10 и 15 полицајци, а неколку учесници во протестите биле хоспитализирани.
Словенечките медиуми пренесуваат дека групата хулигани на собирот дошле опремени со гас маски и солзавец.
Министерот за внатрешни работи Винко Горенак преку социјалната мрежа Твитер и честиташе на полицијата за добро извршената задача.
Во медиумите се појавија различни информации за бројот на учесниците во протестите. Едни тврдат дека имало најмалку 5.000, а некои повеќе од 10.000 демонстранти.
Протестите во Словенија поради се полошата социјално-економска ситуација започнаа во Марибор на 26 ноември. Демонстрациите во Љубљана и во повеќе словенечки градови биле организирани по пат на социјалната мрежа Фејсбук, а причина плус била и прекумерната употреба на сила на мариборскиот митинг. Граѓаните се незадоволни и од поголемиот број политичари од кои бараат оставка, меѓу кои е и премиерот Јанез Јанша.
Во Словенија утре ќе биде одржан вториот круг од претседателските избори на кои граѓаните ќе избираат меѓу актуелниот шеф на државата Данило Тирк и поранешниот премиер Борут Пахор.
|