01.12.2012, 18:28 (ФОТО) Металург се измачи за осминафиналето
Тимот на Червар дури во завршницата од дуелот од седмиот круг го скрши отпорот на Шамбери и славеше со 26:21
РОБЕРТ ДИМИТРИЕВСКИ
ФОТО: Петр Стојановски
Шахистите велат дека најтешко е да се добие добиена партија, а Металург се потруди да докаже дека тоа се однесува и на ракометот. Македонскиот првак мораше здраво да запне за да ја забележи својата петта победа вредна осминафинале во Лигата на шампионите, совладувајќи го Шамбери со 26:21 во седмиот круг од групата Ц. Од неа во топ-16 веќе е и словенечкиот шампион Горење, кој славеше во Санкт Петербург со 32:25.
Францускиот вицешампион, кој остана со празни раце и во седмиот меч во ЛШ сезонава, дојде во Скопје по сламката на спасот и вложи максимум за да остане во трката за преостанатото место од групата што води во елиминаторната фаза. Тимот што "металурзите" го победија и на негов терен со 33:30 на стартот, од израмнувањето на 8:8 во 18. минута па се' до три минути до крајот, кога намали на 23:21, ја одржуваше неизвесноста и навестуваше големо изненадување.
Клучен момент на средбата се покажа исклучувањето на Гијом Жил во 54. минута, кога на семафорот стоеше 20:20. Тогаш на сцена стапи Дејан Манасков со два гола едноподруго, а Гоце Георгиевски зголеми на 23:20, наградувајќи ги извонредната одбрана на Дарко Станиќ и уште поефектната асистенција. Тогаш топката прелета 25 метри и дојде во рацете на десното крило на Металург, кој потоа ја испрати зад грбот на брилијантниот гостински голман Сирил Димулан.
Чуварот на мрежата на Шамбери беше главниот виновник за тоа што домашната екипа не се одлепи резултатски во првото полувреме. Благодарејќи на неговите девет одбрани во првите 23 минути, меѓу кои и два седмерца, како и на петте гола на левиот бек Тимотеј Нгесан и на четирите погодоци на десното крило Седрик Пати, гостите поведоа со 11:9. Но, до крајот на полувремето погодија уште само еднаш, па тимот од Автокоманда на одморот замина со водство од 13:12.
Металург подобро го отвори и вториот дел, постојано имаше предност и кога Ренато Вугринец стрелаше прецизно за водство од 19:16 во 48. минута, донесувајќи прво водство од три гола разлика, се чинеше дека е готово со Французите. Арно ама, за само две минути тие возвратија со три гола во низа и придонесоа за возбудливата завршница.
Играчот на натпреварот Димулан ја заврши средбата со 16 успешни интервенции, меѓу кои и три удари од 7 метри, а Пати со осум гола беше најефикасен поединец на теренот. Вугринец се издвои во победничкиот состав со седум погодоци, а Наумче Мојсоски сите три гола ги даде од седмерец, првиот од нив дури во 35. минута.
Во Лигата на шампионите следува пауза од два месеца поради Светското првенство во Шпанија во јануари, а во осмиот круг на 9 февруари Металург гостува во Велење кај директниот конкурент за второто место Горење.
Металург - Шамбери 26:21
Полувреме: 13:12. Сала: "Борис Трајковски" во Скопје. Гледачи: 5.500. Судии: Чаба и Пал Кекеш од Унгарија. Седмерци: Металург 4/7, Шамбери /. Исклучувања: Металург 4 мин., Шамбери 10 мин. Загубени топки: Металург 12, Шамбери 15.
Металург: Станиќ (13 одбрани), Ангелов, Ракчевиќ 3/4, Левов, Димовски 1/1, Вугринец 7/13 (1/2), Георгиевски 3/5, Манасков 4/6, Миркуловски 4/6, Маркоски 0/1, З. Мојсоски, Додер, Н. Мојсоски 3/8 (3/4), Батиновиќ, Јоновски, Алушовски 1/4. Тренер: Лино Червар.
Шамбери: Граховац, Димулан (13+3), Ночар 2/4, Паниќ 0/2, Г. Жил, Башиќ 3/6, Маро, Пати 8/9, Нгесан 5/13, Патирел 1/2, Детре 2/3, Бичаниќ 0/3. Тренер: Марио Кавали.
Лино Червар: "Со оглед на тоа дека добро го познавам францускиот ракомет уште од времето кога ја водев хрватската репрезентација, секогаш зборував дека резултатите не се вистинското мерило за квалитетот на Шамбери. Ова е втор натпревар на кој ги видов како многу добри, првата беше средбата со Париз, кога одиграа извонредно и беа оштетени од судиите. Многу ми е жал што Шамбери веќе речиси и да нема шанси во Лигата на шампионите. Сакам да и' честитам на мојата екипа, која покажа висок морал. Требаше да се издржи ова малтретирање од судиите, што не е првпат сезонава и тоа јавно го кажувам, па затоа победи правдата. Многу сум горд на екипата, која се пласира во топ-16 втора година по ред и би сакал да им се заблагодарам на моите играчи, кои беа многу трпелив��, упорни. Неверојатно многу промашувавме, но ја покажавме силата на карактерот, кој на крајот победи".
Гоце Георгиевски: "Им честитам на противничките ракометари, кои одиграа многу добар меч, кој за нив беше да се биде или не во смисла на останувањето во Лигата на шампионите. Малку како да ги потценивме во првото полувреме, мислејќи дека победата ќе си дојде самата по себе, но кога увидовме дека треба да се бориме, почнавме да играме подисциплинирано, потрпеливо. Промашивме многу 'зицери' и нивниот голман беше навистина фантастичен вечерва, но сето тоа го надминавме и успеавме втора година по ред да се квалификуваме во топ-16 во ЛШ. Ни остануваат уште три натпревари напролет, кога ќе се бориме за што подобар пласман во групата отколку минатата година и да обезбедиме што полесен противник во осминафиналето".
Марио Кавали: "Малку сме разочарани. Знаевме дека ова е една од нашите последни шанси за осминафиналето и оти овде не' очекува многу тежок натпревар. Пред крајот ни недостигаше малку концентрација во фазата на реализацијата, каде што пропуштивме две-три шанси меѓу 53 и 55-56 минута. Металург многу добро ги искористи нашите грешки и создаде три гола предност, по што не успеавме да фатиме резултатски приклучок. Одигравме многу добар натпревар, но честитки за Металург, кој покажа дека со право е втора екипа во оваа група. Не се обесхрабрија и не паднаа во играта, имаа и знаење и трпение за да ги дочекаат нашите неколку грешки, да ги искористат и да го добијат мечот".
Един Башиќ: "Навистина ми е мило секој пат кога доаѓам во Македонија, каде што сите луѓе се многу љубезни, освен во салата, но во спортски рамки. Знам дека секогаш е тешко да се игра тука и оти натпреварите знаат да бидат 'тврди'. Честитки за господинот Червар и за неговата екипа, која од година во година игра се' подобро и се надевам дека ќе направи уште поголем исчекор во Европа".
|