28.11.2012, 15:56 Во МЗТ нема место за џинови
„Металците“ демантираат дека преговараат со српскиот центар Марјановиќ, висок 222 см
Кошаркарска Македонија засега нема да има шанса да види џин во живо. МЗТ Скопје демантира дека Србинот Бобан Марјановиќ, висок 222 см, е пред трансфер во македонскиот шампион и оти се очекува само уште реализација на договорот пред мечот со Шолнок од АБА-лигата в сабота од 20,30 ч. во „Борис Трајковски“. Во дел од медиумите беа прозвани Урош Николиќ и Кирил Николовски како кошаркари што во моментов не можат да одговорат на барањата на стратегот Алеш Пипан, па решението за проблемите под обрачите ќе се бара во џинот Марјановиќ.
„МЗТ Скопје ги демантира пишувањата во некои медиуми дека е близу до потпишување договор со српскиот кошаркар Бобан Марјановиќ. Со споменатиот играч не се водени никакви преговори, што значи не е ни блиску до потпишување договор со нашиот тим. Пласирањето вакви непроверени и тотално неточни информации во јавноста, во кои се наведува доведување нови играчи како замена на веќе постојните, воопшто не му одат во прилог на тимот пред претстојниот настап од АБА-лигата против Шолнок. Управата на МЗТ Скопје во моментов е целосно посветена околу организација ја претстојниот натпревар во АБА-лигата против унгарскиот претставник што ќе се одигра в сабота“, се вели во соопштението на МЗТ.
Се' уште трае неизвесноста за настапот на Огнен Стојановски и на Кирил Николовски на мечот за кој влезниците се продаваат по цена од 50 и 100 денари, зависно од трибината. (М.К.) |