29.11.2012, 13:19 Бензема во јануари на „Стемфорд бриџ“?
Челзи сака да ја подобри ефикасноста со доведување на напаѓачот на Реал
Европскиот првак Челзи ни со новиот тренер не може да излезе од резултатската криза. Втор меч под водство на новиот стратег Рафаел Бенитез, лондонскиот тим не успева да постигне погодок. Тимот речиси и заборавил кога последен пат се израдувал на трите бода во домашното првенство, бидејќи на последните шест меча еден од главните фаворити за титулата освои само четири бода. Последната победа во Премиер-лигата, Челзи ја забележа на 20 октомври кога со 4-2 славеше на гости кај Тотенхем. Поради овие резултати Челзи веќе ��аостанува 7 бода зад лидерот Манчестер јунајтед. И покрај тоа што за 180 минути неговиот тим не успеа да даде ниту еден гол, Бенитез не е незадоволен. „Игравме добро и создававме шанси. Не сум незадоволен. Ни треба уште време да се уиграме. Првенството е долго и ништо не е загубено“, вели Бенитез.
Поради слабите резултати, газдата на тимот Роман Абрамович најави дека во зимскиот преоден рок најверојатно ќе се засили со нов напаѓач. Прва цел на тимот од „Стемфорд бриџ“ е Карем Бензема од Реал Мадрид. Францускиот репрезентативец сезонава е незадоволен од статусот и минутажата која ја добива во „кралскиот клуб“. Бензема не е во прв план кај тренерот Жозе Мурињо, кој повеќе шанса му дава на Гонзало Игуаин. Покрај Бензема на листата на желби на Челзи се и Радамел Фалкао од Атлетико Мадрид и Едисон Кавани од Наполи. Сепак, според актуелната ситуација, најблиску до Лондон е незадоволниот од Реал Мадрид, Бензема.
|