30.11.2012, 15:26 „Титаник“ на 3-Д во „Синеплекс“
Големиот филмски еп, кој освои 11 „оскари“, игра во „Синеплекс“, кој за 13 декември ја најавува големата премиера на „Хобит“
Еден од најубавите љубовни филмови, историската драма „Титаник“ на Џемс Камерон, која освои дури 11 „оскари“ и уште стотина награди и номинации, сега може да се гледа и на 3-Д. Од вчера овој исклучителен филм, кој на извонреден начин успева да влезе во остатоците на бродот „Титаник“ и сето тоа да го оживее во неверојатна филмска епопеја, може да се погледне во „Синеплекс“, сместен во „Скопје сити мол“. Кејт Винслет и Леонардо ди Каприо се одлични во улогите на Џек Досон и Роуз Девит, инаку најстарата преживеана патничка на овој брод, која и лично ја раскажуваше својата приказна токму за овој филм, претворајќи ја оваа ужасна катастрофа во една прекрасна и топла љубовна приказна, која на свој особен начин го слави животот.
Инаку, да кажеме дека „Синеплекс“, во чии рамки има девет киносали, по свеченото отворање работи со полна пареа. Меѓу деветте филма што се прикажуваа во изминатиов период, беше и новиот Џемс Бонд „Небесен пад“, кој заедно со авантуристичкиот „Животот на Пи 3-Д“ го означија стартот на киносалите. Но, додека „Небесен пад“ во режија на Сем Мендес, кој донесе една сосем нова џемсбондовска приказна, продолжи да игра, „Животот на Пи“ во редовна дистрибуција ќе го гледаме од 20 декември.
Меѓу филмовите кои во овој период се прикажуваа, а продолжуваат и понатаму, се и: „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, потоа францускиот хит „Недопирливи“ на Оливие Накаше и Ерик Толедано, кој е номиниран за најдобар филм за претстојното доделување на „европските оскари“, па „Облакот Атлас“ на Том Тиквер, „Сагата на самракот: зазорување 2“ со Кристен Стјуарт и Роберт Патинсон, како и „Гумениот Тарзан 3-Д“ првпат синхронизиран на македонски јазик. А сега, заедно со „Титаник“, на овие филмови им се приклучуваат уште две премиери, и тоа: романтичната комедија „Руби Спаркс“ во режија на Џонатан Дејтон и едно модерно филмско остварување наменето за помладите „Куќа на крокодилите“. Големата премиера, пак, на очекуваниот прв дел од новата трилогија на Питер Џексон „Хобит“ е најавена за 13 декември. (С.У.)
|