28.11.2012, 13:16 „Нувел Ваг“ го воодушеви Скопје
Француската група дојде на „Таксират“ со новиот музичко-сценски перформанс „Dawn of innocence” кој го осмисли францускиот костимограф Шарл де Кастелбажак
Во преполниот клуб „Колосеум“, пред повеќе од 1.500 фанови, синоќа, во рамки на фестивалот „Таксират“, францускиот состав „Нувел Ваг“ покажа дека е подготвен секој пат да приреди поинакво, уникатно искуство.
„Нувел Ваг“ предводен од Марк Колин со поддршка на вокалите Мелани Пен и Лисет Але, ја потсети публиката зошто не може да одолее на нивниот сензуален шарм.
„Нувел Ваг“ на „Таксират“ дојде со целосно нов музичко-сценски перформанс „Dawn of innocence” кој го осмисли познатиот француски костимограф Жан Шарл де Кастелбажак, но и со препознатливата француска енергија кој никого не остава рамнодушен.
Ексклузивноста на сценскиот настап беше засилена и со една од најпознатите танчерки на кабарето „Крејзи Хорс“ во Париз, Зула Зазоу која заедно со „Нувел Ваг“ одржа двочасовен сценско-музички перформанс.
Следниот концерт на „Таксират“ е закажан за сабота, 1 декември. Настапуваат „Суперхикс“ кои ќе одбележат и 18 години постоење.
|