27.11.2012, 14:29 „Суперхикс“ - фешта со „Молокаи“ и „Чарли хит“
На 1 декември на голем позитивен концерт се најавуваат две предгрупи и победникот од акцијата „Кој не слуша, нека гледа“
Три дена пред големиот Позитивен концерт на „Суперхикс“, ги најавуваме предгрупите. Првото име во улога на музичка поддршка ќе биде сурф-панк триото „Молокаи“ од Битола. Дамјан Маневски, Бојан Станиќ и Дамјан Грујо под спомнатото име постојат од јуни 2011, зад себе имаат едно демо ЕР, а до крајот на 2012 го најавуваат објавувањето и на нивниот прв албум.
Покрај нив, сцената во Метрополис арена на 1 декември ќе го пречека и алтернативниот рок-состав од Скопје, „Чарли хит“. Оваа група настана како идеја на двајцата браќа, гитаристот Гордан Попов и тапанарот Бодин Попов, во 2007 година. Нешто подоцна во приказната влегуваат басистот Стефан Стојчев, гитаристот Александар Алексов-Балабанов и пејачот Раде Кекеновски. И покрај сите премрежија и турбуленции, „Чарли“ досега успеа да издаде едно ЕП.
Во рамките на големиот позитивен концерт „Суперхикс“ подготвува и низа дополнителни славенички изненадувања за своите фанови. Меѓу другото, тие на овој концерт ќе ги пречекаат и избраниците од Хикси пропагандата за музичко будење и акцијата „Кој не слуша, нека игра“. Банда инструментале на акустичните упади во скопските средни училишта имаше задача да ги преслуша младите музички фанатици и да го одбере најдобриот од нив, кој ќе настапи заедно со бендот на 1 декември. |