28.11.2012, 10:41 Kлавирот од „Казабланка“ на аукција
Инструментот се продава по повод 70-годинината од снимањето на филмот, а се очекува да достигне цена од 1,2 милиони долари
Клавирот на кој е свирена музиката за песната „As Time Goes By“ во филмот „Казабланка“ од 1942 година на 14 декември оваа година ќе биде продаден на аукција во Њујорк.
Аукциската куќа „Сотбис“ очекува клавирот да достигне цена од 1,2 милиони долари.
Клавирот на аукција ќе го понуди еден Јапонец по повод 70-години од снимањето на филмот. Неименуваниот колекцинер клавирот го купил во 1988 година за 154.000 долари.
Во оваа со Оскар наградена љубовна приказна од Втората светска војна, Хемфри Богарт го игра Рик Блејн, а Ингрид Бергман ја игра улогата на Илса Лунд. Пијаното кое се продава може да се види на сцената во која Рик и Илса првпат се сретнуваат во Париз за време на војната.
Дури и 70 години по прикажувањето на „Казабланка“, истоимениот марокански пристанишен град луѓето го поврзуваат со филмот, иако барот Кафе Американ, каде се одвива приказната, е креиран на сет во Холивуд.
Денес Казабланка е метропола со повеќе од четири милиони жители и многу се разликува од воените колонијални испоставки, како што е прикажана во овој филм.
|