27.11.2012, 14:22 (ФОТО) Каролина Гочева со нов албум
Новиот албум на македонската поп дива е насловен „Најубави песни“, а за 22 декември е најавен голем концерт во Универзалната сала во Скопје
ФОТО: Петр Стојановски
„Најубави песни“ е насловен на новиот албум на македонската поп дива Каролина Гочева, кој содржи 12 нејзини најубави песни со бонус од четири песни. Станува збор за прво компилациско ЦД на Каролина.
На прес-конференција по повод промоцијата на албумот, Каролина Гочева, изразувајќи задоволство од неговиот изглед истакна дека на албумот се наоѓаат оние песни за кои таа и „Авалон“ сметале дека се најубави.
- Направивме избор од 16 песни. Останаа и многу други песни кои сметаме дека можеби требаше да се најдат на албумот, но оставаме простор и за втор дел најубави песни понатаму за неколку години, рече Гочева.
На прес-конференцијата беше презентиран новиот спот за песната „Тој“, а беше најавен и концертот, кој Каролина Гочева ќе го одржи на 22 декември во Универзалната сала во Скопје.
Главно сум преокупирана, посочи Гочева, со подготовките за концертот.
- Искрено не се сеќавам некогаш толку со нетрпение да сум очекувала мој концерт, рече Гочева и додаде дека за концертот за некои песни има нови аранжмани.
Бобан Милошевски од „Авалон“ истакна дека како продукција се многу задоволни од визуелниот изглед на албумот.
- Се одлучивме тој концерт да биде акустичен првпат во кариерата на Каролина. Подготовките за концертот се во тек, посочи Милошевски.
Албумот „Најубави песни“ се продава по цена од 499 денари.
|