29.11.2012, 13:15 Вилја надмина 300 гола во кариерата
Напаѓачот на Барселона со два погодока придонесе во триумфот од 3:1 против Алавеш во реванш шеснаесетфиналето од шпанскиот Куп
Давид Вилја го зголеми своето салдо голови во кариерата на 301 со двата погодока за бранителот на трофејот Барселона, која го елиминира третолигашот Алавес со вкупен резултат од 6:1 и се пласира во осминафиналето на Кралскиот куп. Шпанскиот напаѓач својот прв гол го постигна во 52. минута, а вториот три минути подоцна на „Камп ноу“, каде што домаќинот славеше со 3:1 по пресврт и се избори за дуел со второлигашот Кордоба.
Тренерот Тито Виланова ја искористи можноста за да им даде поголема минутажа на играчите ги санираа повредите и на неколку млади таленти, а ги одмори првотимците Лионел Меси, Чави, Андрес Иниеста, Серхио Бускетс и Виктор Валдес. Откако Барса го доби мечот во Алавес пред еден месец со 3:0, баскискиот клуб изненади со водство од 1:0 во 17. минута преку Борха Вигера. Израмни Адријано во 35. минута, а потоа Вилја со двата гола му обезбеди победа на каталонскиот гигант.
Триесетгодишникот постепено се враќаше блиску во својата најдобра форма откако ја скрши ногата на Светското клупско првенство минатиот декември и сега има 40 погодоци за Барса по преминувањето од Валенсија на крајот од сезоната 2009/2010.
|