29.11.2012, 17:06 Хашкиот суд го ослободи и Харадинај
Трибуналот оцени дека нема докази оти поранешниот командант на ОВК и двајца негови соработници извршиле злосторства врз Срби во логорот Јабланица. Еуфорија во Приштина, бес во Србија
Хаг/БЕЛГРАД – Хашкиот трибунал по втор пат го ослободи командантот на ОВК, Рамуш Харадинај. Советот заклучи дека не е виновен ниту по една точка од обвинителниот акт. Ослободени се и другите двајца обвинети, Идриз Белај и Лахи Брахимај. Наложено е сите веднаш да се пуштат на слобода.
Во Приштина веднаш почна прославувањето, а Харадинај требаше да пристигне синоќа. Пред денешното изрекување на пресудата на поранешните команданти на ОВК, косовските Албанци најавија нов политички ангажман за хашкиот обвинет, дури и премиерско место, додека властите во Србија предупредуваат дека неговото евентуално ослободување би можело да го загрози политичкиот дијалог што се води во Брисел.
Советот на судии, кој го сочинуваа Баконе Молото од Јужна Африка, Бартон Хол од Бахамите и белгискиот судија Ги Делов, утврди дека имало злосторство во Јабланица, но дека тројцата обвинети поранешни команданти на ОВК не се одговорни за него. Судијата кој претседаваше со случајот изјави дека не постојат веродостојни докази оти Харадинај знаел за злосторствата направени во Јабланица. Вчерашната пресуда е нова првостепена пресуда, а како што се очекува, најверојатно, ќе биде поднесена жалба на неа.
Во повторената постапка, Жалбениот совет смета дека не постоел образец за малтретирање цивили во Косово, како ни одговорност на тројцата обвинети за направените злосторства за кои се товарат.
Додека во Косово и во Албанија слават, Србија е огорчена од уште една ослободителна пресуда на хашкиот суд. Се' уште не се смирија страстите од ослободувањето на хрватските генерали Анте Готовина и Младен Маркач, кои пред помалку од две недели се ослободени од сите обвиненија, за Србија од Хаг стигна уште една „лоша вест“.
Рамуш Харадинај преку адвокатот Бен Емерсон порача дека „е време за помирување“ и дека ќе ги „гарантира правата и целосното учество на Србите во политичкиот живот на Косово“. Емерсон ја повика и поранешната главна обвинителка на Трибуналот, Карла дел Понте, јавно да им се извини на тројцата обвинети и на народот на Косово, што воопшто го поведуваше ова обвинение.
Во изјавата по изрекувањето на пресудата, која на новинарите им ја пренесе неговиот адвокат Бен Емерсон, Харадинај порача дека „ќе предводи влада која ќе ги претставува сите граѓани на Косово, без разлика на тоа на кој јазик зборуваат, од каде доаѓаат и без оглед на нивната националност“.
За време на изрекувањето на пресудата, претседателот на Судскиот совет, судијата Баконе Молото, изјави дека Судскиот совет утврдил оти Рамуш Харадинај не е виновен за здружен злосторнички потфат. Тој наведе дека обвинителството не изнело докази што би ги потврдиле наводите оти Харадинај знаел за настаните во логорот Јабланица. Судскиот совет ги отфрли и наводите за мачење на тројца Црногорци. Докажано е дека Скендер Кучи починал од последици од тепање во логорот Јабланица.
Харадинај и Балај се првите хашки обвинети кои два пати излегуваат пред судот за исто злосторство - убиства на осуммина заробеници во кампот на ОВК во Јабланица. Хашкото обвинителство во завршниот збор во јуни годинава побара казна од најмалку 20 години затвор за секој од обвинетите, додека одбраната бараше ослободителни пресуди.
Жалбениот совет делумно ја укина ослободителната пресуда и наложи повторување на судењето, меѓу другото, и поради очигледниот проблем за заштита на сведоците во Косово.
Жалбениот совет заклучи дека докажаната постапка на обвинителството е завршена предвреме, односно пред да бидат сослушани двајцата сведоци кои обиваа да дадат исказ. Еден од тие сведоци, поранешен припадник на ОВК Шефкет Кабаши, беше обвинет за непочитување на судот, бидејќи не сакаше да даде исказ ниту на повтореното судење во предметот „Харадинај“, но потоа ја призна вината и е осуден на два месеца затвор.
Без присуство на јавноста, во април беше сослушан и вториот „несакан сведок“ на обвинението, со ознака „80“, кој изјави дека Балај и Брахимај во пролетта 1998 година учествувале во претепување, сакатење и убиство на повеќемина затвореници во Јабланица, а исто така изјави дека Харадинај „морал да знае“ што се случувало таму.
Наместо по 39 точки од првобитното обвинение, новото судење на Харадинај и Балај е водено по само шест од нив. Тие вклучуваа убиства и тортура на заробеници во кампот на ОВК во Јабланица. Како и на првото судење, кое поради немање докази заврши со ослободителна пресуда, обвинителството во повторениот процес се сретна со слични проблеми – со исплашени сведоци кои ги менуваа исказите или одбиваа да сведочат.
Приштинските аналитичари со ослободителната пресуда и враќањето на Харадинај очекуваат помали потреси на политичката сцена. Се очекува дека поранешниот премиер и неговата партија Алијанса за иднина на Косово да влезат во коалиција на чело со Демократската партија на Тачи. Се шпекулира дека Харадинај би можел да ја бара дури и позицијата претседател на владата.
(Според агенциите)
Прослава во Приштина
Следење на изрекувањето на пресудата беше организирано на плоштадите, на кои претходните денови беа поставени билборди со ликот на Харадинај со текст „Со светол образ напред“. Во моментот кога Судскиот совет ја соопшти одлуката, почнаа прослави и огномет, а имаше и солзи. Меѓу насобраните беа и највисоки официјални претставници на Алијансата за иднина на Косово. „Презадоволни сме од пресудата. Сега следуваат свечениот дочек и вклучување на Харадинај во политичкиот живот на Косово, на многу одговорно ниво“, изјави Бесник Тахири, советник на Харадинај и член на претседателството на Алијансата.
Косовскиот премиер Хашим Тачи ја поздрави ослободителната пресуда на Рамуш Харадинај и ги повика граѓаните да прослават достоинствено и гордо. „Тачи, Владата и граѓаните на нашата земја со радост ја примија одлуката на Хашкиот трибунал за ослободување од сите обвиненија подигнати против поранешниот премиер на Косово, Рамуш Харадинај, и неговите соработници Идриз Баљај и Лахи Брахимиј. Премиерот Тачи им честита на сите граѓани на Косово на оваа очекувана победа и го повикува достоинствено и гордо да прослават“, се наведува во соопштението на неговиот кабинет. Тачи тврди дека борбата за слобода и независност била правична и света, сметајќи дека тоа е потврдено денеска и ќе се потврди во случајот против Фатмир Лимај и неговите соработници.
Дел Понте не е изненадена
Поранешната главна обвинител на Хашкиот трибунал Карла дел Понте изјави дека не е изненадена од ослободителната пресуда на Харадинај, Баљај и Брахимиј.
„Истрагата против Харадинај беше многу тешка. Обвинителството немаше соработка со земјата, немаше соработка со Косово, така што беше многу тешко да се соберат доволно докази за да се подигне обвинение“, нагласи Дел Понте во телефонска изјава за Танјуг. Според Дел Понте, тешко било да се соберат доволно докази, а кога ќе се собереле сведоците, тие ги менувале своите изјави.
Карла дел Понте одби да го коментира барањето на адвокатот Бен Емерсон јавно да се извини за подигањето на обвинението. Таа се огласи и по ослободителната пресуда на хрватските генерали Готовина и Маркач, кога изјави дека таа пресуда е „неправедна и неверојатна“. Уште еден ден на гнев во Србија
Белград – Во рок од две недели за Србија стигна уште една вест од Хаг со горчлив вкус. Српскиот претседател Томислав Николиќ оцени дека ослободителната пресуда на Харадинај е донесена во отсуство на правдата и правото и дека, како и претходната одлука на Трибуналот во Хаг, ќе поттикне сепаратизам и ќе ги отежне напорите за воспоставување мир во регионот.
Според него, пресудата ќе ги поништи досегашните напори во нормализацијата на односите Белград - Приштина на воспоставување на мирот во регионот и ќе го зголеми евроскептицизмот кај српскиот народ.
„За жал, се покажа вистинито очекувањето дека Хашкиот трибунал ќе го ослободи Харадинај, обвинет за убиства, нечовечки постапки, кршење на законите и обичаите на војување врз албански, српски и ромски цивили во логорите на ОВК во Јабланица во 1998 година“, наведено е во соопштението на прес-службата на Николиќ.
Тој истакна дека „судејќи според се', Трибуналот е основан во отсуство на меѓународното право, формиран е за да се суди на српскиот народ. Со тоа се сака да се постигнат зацртани цели, кои во српската јавност веќе добро се познати“. „За страшните злосторства врз косовските Срби никој нема да биде осуден“, додаде Николиќ.
Премиерот на Србија, Ивица Дачиќ, оцени дека ослободителната пресуда на Рамуш Харадинај е очекувана, дека е последна во низата политички, �� не правни и праведни пресуди на Трибуналот, но дека Србија, и покрај тоа, ќе ги продолжи преговорите со Приштина, бидејќи тоа е во нејзин интерес.
„Во интерес на Србија е и продолжување на дијалогот и евроинтеграцијата“, истакна Дачиќ по вестите од Хаг за ослободувањето на Харадинај, нагласувајќи дека и оваа пресуда, како и пресудата на хрватските генерали, ќе го отежне процесот на помирување во регионот. Тој, меѓутоа, повтори дека во интерес на Србија е да се продолжи дијалогот со Приштина, а следниот состанок ќе биде, како што наведе, на 4 декември.
Претседателот на Националниот совет за соработка со Хашкиот трибунал, Расим Љаиќ, оцени дека пресудата за Харадинај само понатаму ќе го урива кредибилитетот на Трибуналот и дека забележително ќе го отежне процесот на помирување на просторот на поранешна Југославија. „Тој процес забележително ќе биде отежнат, со оглед на тоа дека е евидентно дека Хаг во јавноста во Србија, без сомнение, ќе биде означен како политички суд, а не правна институција“, изјави Љаиќ.
„Јавноста во Србија има право на лутина и бес, бидејќи станува збор за селективна правда или неправда. Но, во тешки околности не смееме да донесеме одлука на штета на Србија“, изјави Љаиќ. |