01.12.2012, 12:15 Оперски арии за поддршка на лицата што живеат со ХИВ
Во фоајето на Македонската опера и балет, вечерва во 20 часот ќе се одржи донаторски концерт на оперски арии по повод Светскиот ден за соочување со ХИВ - 1 Декември
Концертот се одржува по втор пат, а е организиран како партнерство помеѓу „Заедно посилни“ - групата за поддршка на лицата што живеат со ХИВ во Македонија, која работи во состав на Здружението на граѓани ХЕРА и Македонската опера и балет. Ќе настапат првенци и истакнати солисти на МОБ: Славица Галиќ-Петровска - сопран, Ѓорѓи Цуцковски - тенор, Зоран Сотиров - тенор, Дешира Ахмети-Крлиу - сопран, Марика Поповиќ - мецосопран, Александра Лазаровска-Василевски - сопран, Ирена Кавкалевска - мецосопран, Билјана Талевска - сопран, Кирил Јосифов - виолончело и Фана Спиркоска - виола. На програмата ќе бидат изведени дела од Чајковски, Доницети, Верди, Понкиели, Брух, Пучини, Гасталдон, Бизе, Чилеја и Белини. Солистите ќе ги придружуваат пијанистите Андреја Наунов, Јанинка Невчева и Милан Јанкулоски. Главната цел на кампањата и на концертот, велат организаторите, е да се обезбеди активна јавна поддршка за намалување на дискриминацијата и стигмата кон лицата што живеат со ХИВ во Македонија, преку покажување општествена одговорност и прибирање средства за нив.
Концертот е централен настан на кампањата која е поддржана од претседателот Ѓорге Иванов, од ОН во Македонија, како и од поп-пејачката Каролина Гочева, која е и заштитно лице на кампањата.
|