01.12.2012, 17:16 Бесплатно зимување за 1000 деца од социјално загрозени семејства
Илјада деца од петто до осмо одделение од семејства во социјален ризик и деца корисници на посебен додаток ќе одмараат и ќе се рекреираат за време на зимскиот распуст во рамки на владиниот проект користење на бесплатна услуга за одмор и рекреација на 3.000 деца.
Услугата за одмор и рекреација на деца од семејства со социјален ризик и деца корисници на посебен додаток, како што информираше денеска на прес-конференција ресорниот министер Спиро Ристовски, опфаќа седум дневен одмор и едукативно-забавни активности. Децата корисници на посебен додаток и децата со инвалидитет имаат право на придружник за време на користењето на услугата.
- Рангирањето на корисниците на услугата за одмор и рекреација на деца од семејства со социјален ризик и деца корисници на посебен додаток, ќе се врши според бодови до 60 бода за времетраење на користење на правото, 30 бода за деца од еднородителско семејство и 10 бода за деца со инвалидност, истакна Ристовски нагласувајќи дека во случај кога лицата истовремено користат повеќе права, во рангирањето се зема правото кое е поповолно за корисникот.
Изборот на сместувачките капацитети во кои што ќе реализира зимскиот одмор е во тек. За користењето на оваа услуга следната недела Министерството за труд и социјална политика ќе објави повик на националниот јавен сервис Македонска радио-телевизија, на веб страницата на Министерството и во Центрите за социјална работа, каде ќе бидат наведени потребните документи за аплицирање. Изборот на децата коишто ќе је користат услугата ќе го врши Комисија.
- По завршување на целата процедура, центрите за социјална работа ќе ги информираат корисниците за користење на услугата, како и за местото на поаѓање во секој град, рече Ристовски.
За реализирање на проектот за користење услуга за одмор и рекреација на деца од семејства со социјален ризик и деца корисници на посебен додаток во периодот на зимскиот распуст од учебната 2012/13, Министерството одвои осум милиони денари.
- Со оваа мерка придонесуваме за подобрување на економско–социјалната состојба на децата од семејствата во социјален ризк, водени од верувањето дека секое дете треба има можност да ужива во благодетите на летниот или на зимскиот одмор, нагласи министерто за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
Во текот на летото, околу 2.000 деца одмораа во одморалиштето „Мајски цвет“ во Струга и во одморалиштето за деца „Пелистер“ во Битола.
|