03.12.2012, 12:16 Зголемување на субјектите кои ја користат задолжницата
Транспортни, производствени и компании од областа на трговијата ја искористија задолжницата како инструмент за плаќање. Централниот регистар на Република Македонија досега има евидентирано 12 задолжници во вкупен износ од 39.860.069 денари.
Оттаму потенцираат дека од ден на ден се зголемува бројот на субјекти кои бараат информации за начинот и постапката за издавање на задолжница, односно за нејзината примена и улога во регулирањето на должничко-доверителските односи.
Задолжницата стартуваше во септември годинава, како нов инструмент, кој Владата го воведе на барање на бизнис заедницата. Првите задолжници беа издадени десетина дена по нејзиното воведување.
Задолжницата им овозможува на приватните компании да ги наплаќаат побарувањата во должничко-доверителските односи, а придонесува за намалување на пристигнатите неплатени обврски, подобрување на ликвидноста на стопанството и засилување на економската активност во државата.
Задолжницата претставува исправа со која должникот - трговско друштво регистрирано согласно Законот за трговски друштва, дава согласност плаќањето на неговите обврски кон одреден доверител да се изврши по присилен пат од сите негови сметки кај сите носители на платен промет. Доколку не се наплати од паричните средства, задолжницата како извршна исправа, може да се наплати и од друг имот. Задолжницата нема се користи како инструмент за наплата на приватниот сектор со државата.
Процесот на издавање задолжница е целосно автоматизиран и се одвива преку системот на Централниот регистар. Задолжницата ја составува нотар преку Регистарот на задолжници што го води Централниот регистар. Регистарот проверува дали постојат законски пречки за издавање на задолжницата, односно дали износот на задолжницата е во рамки на лимитот од 30 отсто од остварениот вкупен приход на должникот во минатата година, дали сметката на должникот е блокирана или пак е поведена стечајна или ликвидациска постапка над должникот, дали му се изречени санкции за забрана за вршење на дејност. Доколку не постојат законски пречки, на нотарот му се дозволува пристап до Регистарот на задолжници. Нотарот електронски ја пополнува задолжницата и ја печати. Должникот и доверителот ја потпишуваат печатената задолжница, а нотарот ја заверува и му ја предава на доверителот. Истовремено, нотарот става електронски печат на електронската задолжница и ја евидентира во Регистарот на задолжници. Издавањето на задолжницата е доброволна, а фирмата нема да може да го надмине лимитот од 30 проценти, бидејќи нотарот ќе има увид во регистарот во реално време. Лимитот е еден од елементите за сигурноста на доверителите.
Целта на овој инструмент е да се избегне презадолжување на фирмите, со што всушност се штитат доверителите од лоши должници. Друг елемент на сигурност е заверката од нотарот кој го проверува идентитетот на потписниците и овластувањето на органот надлежен за донесување одлуки за задолжувањето со што се избегнуваат судски постапки за докажување на овластувањата. Задолжницата се издава во еден примерок кој му се предава на доверителот. Тој ја поднесува во банката на должникот во одредениот рок на задолжницата и банката е должна да изврши пренос на средства од сметката на должникот на сметката на доверителот во висина на износот на побарувањето. Доколку нема доволно средства на сметката на должникот, банката ја блокира сметката, а наплатата може да се изврши од сите сметки, денарски и девизни, што должникот ги има во другите банки. Ако и на другите сметки на должникот нема доволно средства, задолжницата може да се изврши и од движен и недвижен имот на должникот.
Издавањето задолжница без покритие е квалификувано како кривично дело, за кое е предвидена казна затвор до три години.
|