03.12.2012, 14:17 Турција упати авиони ловци кон границата со Сирија
Турција денеска испрати авиони ловци кон границата со Сирија, откако сириските владини сили ги бомбардираа позициите на бунтовниците во пограничниот град Рас ал Аин и залутани гранати паднаа на турска територија, изјавија турски безбедносни извори.
Бунтовниците со борба пред околу еден месец го зазедоа Рас ал Аин, што го предизвика најголемиот бегалски бран од Сирија од почетокот на граѓанската војна во земјата.
Според безбедносните извори, турските ловци полетале од военовоздушната база во Дијарбекир упатувајќи се кон турско-сириската граница, по воздушните напади на сириските владини сили врз штабот на Сириската слободна армија во Рас ал Аин.
Залутаните гранати паднале во блискиот турски град Џејланпанар, предизвикувајќи паника меѓу населението. Засега не е познато дали гранатите биле истрелани од сириските владини сили или од бунтовниците.
Турција на 21 ноември упати официјално барање до НАТО за разместување на ракети „Патриот“ долж турско-сирската граница со цел да го заштити националниот воздушен простор на одгласите за закана и опасност по националната безбедност, што произлегуваат од кризата во Сирија. Земјите од НАТО се очекува позитивно да одговорат на барањето на Анкара, наведуваат дипломатски извори.
|