03.12.2012, 12:09 Поедноставени процедурите за вадење документи на иселениците
Македонците ќе може да поднесат барање за вадење пасош или истиот да им се извади во многу полесна процедура отколку што тоа беше претходно
Значително олеснување и забрзување на процедурите за вадење документи за македонските иселеници најави премиерот Никола Груевски во своето обраќање пред претставниците на македонската дијаспора во Лос Анџелес.
- Македонците ќе може да поднесат барање за вадење пасош или истиот да им се извади во многу полесна процедура отколку што тоа беше претходно. Ова е уште една новина која верувам дека е од интерес и на задоволство на многу наши сограѓани од Америка и од другите делови на светот. За сите подетални информации ќе може да се информирате на сајтот на Министерството за надворешни работи на Република Македонија, на бројните македонските веб сајтови, дипломатски претставништва..., рече Груевски.
Тој нагласи дека во изминатиот период Владата работела на поедноставување на процедурите за вадење на документи и оти отсега македонските иселеници ќе може да аплицираат за документи преку телефон или и-маил.
- Пред една недела преку МНР објавивме неколку мерки со кои овие процедури значително ќе се забрзаат и олеснат. Отсега ќе може и преку телефон или преку и-меил секој Македонец што живее надвор од Македонија да најави интерес за вадење пасош или друг документ во дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија. Ги разгледуваме можностите да може и во други објекти тоа да се извршува во иднина, но засега се уште немаме решение. Нашите амбасади и дипломатските претставништва информациите ќе ги праќаат до МНР и МВР по што ќе добијат повратен одговор за кои лица постои можност за вадење на бараниот документ, истакна Груевски во Лос Анџелес.
|