03.12.2012, 14:54 (ФОТО) Борците ги одбранија своите простории
Извршител им тропна на вратата, за нивно иселување се чека одлуката на Апелацискиот суд
ФОТО: Киро Попов
Горан Адамовски
Удирајќи по комунизмот, удрија и по нас, обвинија денеска борците од Втората светска војна. Тие за малку ќе останеа без своите простории во центарот на Скопје откако дојде судски извршител да ги исели. Борците останаа на своето, извршителот ветил дека ќе се врати штом стигне одлука од Апелацискиот суд.
„Сакаат на 90 и кусур години да не' остават на улица? Додека не' држи и последниот молекул од силите - ќе се бориме, ако не' избркаат- ќе бараме и ќе најдеме друго место“, рече во емотивниот говор првоборецот Трајче Грујоски, кој праша каде исчезнаа правото и моралот.
Приказната со четирикатната зграда до Собранието не е нова, ��о прашање е како ќе се заврши. Уште по изградбата пред неколку децении, борците стануваат сопственици. Но, Сојузот на воените инвалиди, кого борците го нарекуваат новоформиран, поведува правна битка што ја добива на Основниот суд во Скопје, а ја потврдува на Апелацискиот суд. Со тоа, од лани, тие стануваат сопственици на зградата, а борците треба да се иселат. Борците не се предаваат, одат на Врховен суд кој ги поништува претходните решенија на пониските судови. Основниот суд уште еднаш донесе одлука во корист на воените инвалиди, па предметот сега е во Апелацискиот суд. Извршителот дојде вчера да ги исели борците, кои беа среде седница, но тие се побунија.
„Човекот ни даде да потпишеме дека не дозволуваме извршување на одлуката. Тоа не е точно, ние не сме против државата, ќе почитуваме судска одлука кога ќе ја има. Извршителот рече дека ќе дојде кога одлуката на Апелацискиот суд биде конечна“, велат борците.
Тие најавија дека доколку бидат иселени присилно, ќе побарааат помош од Светската федерација на воените ветерани.
Доколку одлуката за иселување остане во сила - околу 6.000 борци од Втората светска војна, како и 14.000 нивни поддржувачи ќе останат на улица. Борците стравуваат дека евентуалниот нов сопственик би можел да им побара кирија за користење на просториите во изминатата година.
|