03.12.2012, 09:15 Борут Пахор нов претседател на Словенија
Поранешниот премиер на Словенија, Борут Пахор, освои 67,3 отсто од гласовите на вчера оддржаниот втор круг од претседателските избори, објави Централната изборна комисија откако беа преброени 99 отсто од гласачките ливчиња.
Неговиот соперник, досегашниот претседател на Словенија, Данило Тирк, освои два пати помалку гласови или 32,7 отсто. Во своето обраќање до сонародниците Тирк го призна поразот и им изрази благодарност на оние кои пред пет години гласаа за него и кои го избраа за претседател.
Во првиот круг од изборите, што се оддржа на 11 ноември, Пахор, кој беше предложен за претседателски кандидат од неговата Социјалдемократска партија, го победи Тирк и освои 40 отсто од гласовите наспроти 36 отсто за актуелниот шеф на државата.
По последните податоци од ЦИК, во вториот круг на претседателските избори учествувале 42 отсто од вкупно 1,7 милиона регистрирани гласачи. Тоа е најниската изборна излезнос�� од моментот кога Словенија ја прогласи независноста.
Во првиот круг гласаа 47,7 отсто од гласачите.
Според полицијата, за време на вчерашното гласање не биле регистрирани посериозни прекршувања на изборниот процес. |