30.11.2012, 14:27 Доктори од Македонија на обука во Хјустон
Доктори од Македонија ќе одат на обука во Медицинскиот центар во Хјустон, кој е познат по лекување кардиолошки болести. Се очекува меморандумот за оваа соработка да се потпише во април, а првата група да замине во мај идната година. Ова било договорено на средбата меѓу нашата владина делегација и првите луѓе на болницата во Хјустон. Покрај договорената обука, Центарот изразил интерес и за учество во реализацијата на државна детска кардиохирургија во која доктор од Центарот би доаѓал да врши неколку пати во годината операции на деца со срцеви заболувања.
„Болницата е посебно силна во лекување кардиолошки болести и канцери, меѓутоа, исто така, е многу напред во светот и во многу други болести. Побарав поголем број наши лекари во иднина да доаѓаат тука на обука, а исто така и нивни лекари да дојдат да вршат обука кај нас, и тие се согласија“, изјави премиерот Груевски.
Медицинскиот центар во Хјустон е еден од најпознатите во светот, со седум милиони пациенти годишно и со над илјада вработени.
Во рамки на посетата на Америка, во Лос Анџелес, покрај економската бизнис-презентација, ќе се посети клиничкиот центар „Роналд Реган“, кој, исто така, е еден од најпознатите во светот.
„Македонија и' го привлече вниманието на светската инвеститорска заедница со брзиот и сигурен поход кон првите три позиции на најреформски ориентираните земји, според ’Дуинг бизнис‘, и тоа веќе неколку години едноподруго. Во извештајот за идната година се наоѓаме на 23. позиција меѓу 185 земји и сме највисокорангирани во однос на која било транзициска економија од ЈИЕ, а во однос на условите за основање бизнис сме на петтата позиција“, истакна завчера премиерот Никола Груевски на бизнис-форумот во Хјустон на кој присуствуваа голем број стопанственици. Тој рече дека е уверен оти има огромни можности за трговска и инвестициска соработка меѓу САД и Македонија и ги покани бизнисмените од Хјустон да не' посетат.
„Одличните политички односи меѓу САД и Македонија сведочат за заедничките стратегиски интереси и цели. Тие го трасираа патот за брзото зајакнување на економската соработка, посебно во доменот на странските инвестиции и отворија нова епоха во нашите билатерални економски односи“, рече Груевски. (Ек.Р.)
|