02.12.2012, 15:06 (ФОТО) Влатко Илиевски со нов албум, концерт и автомобил за новогодишно расположение
Десетина песни од последниве две години во кариерата на Влатко Илиевски се најдоа на новото цеде, „Нека биде по твое“, чија коцертна промоција ќе се случи на 10 декември
ФОТО: Киро Попов
Некои можеби го очекуваа, а за други пак е нешто како изнендаување, но Влатко Илиевски во последниов месец од годинава има три изненадувања. Две се за неговата публика, а третото од спонзорот „Киа“ за на него - четврти автомобил за две години соработка.
Влатко Илиевски, денеска (2 декември) напладне го претстави пред новинарите својот трет солистички албум насловен „Нека биде по твое“. На овој албум се собрани на едно место десетина песни, што Влатко ги има испеано на повеќе фестивали, како: Скопски фестивал, Макфест, Охридски трубадури и Сунчане скале. Албумот почнува со евровизиската „Русинка“, па следува насловната „Нека биде по твое“, за да продолжи со „Странец во твојот свет“, „Пушти ме да умрам крај други“, „Зима“, „Мојата самовила“, „Моја тамна ријеко“, „Нема ме“, „Во пепелта на љубовта“ и завршува со „Остани каква што си“.
Немајќи трпение да го чека својот традиционален термин за концерт - 14 февруари, Влатко Илиевски веќе на 10 декември (идниот понеделник), во Универзална сала, со почеток во 20,30 часот во Скопје ќе направи концертна промоција на албумот „Нека биде по твое“. Сосема извесно е дека тој ќе биде главната ѕвезда на концертот, евентуалните гости ги чува како изненадување, а како предгрупа на неговиот настап ќе се претстави групата „Швалери“, кои веќе имаа „огнено музичко кршетвање“ на „Макфест“.
По концертот, до Нова година треба да се очекува и спот за некоја од песните на новиот албумот на Влатко Илиевски. Па, нека биде по негово! (Ј.П.)
|