02.12.2012, 16:22 Музичка експлозија со полнолетните „Суперхикс“
Под закрила на оф-програмата на „Таксират“, инструменталната банда „Суперхикс“ во саботата во „Метрополис“ анимираше илјадници „гладни“ уши
Бојан Шашевски
По осумнаесет лета од првите дружби и звучни почетоци, македонската инструментална банда „Суперхикс“ сосема достоинствено го прослави полнолетството. И тоа на концерт заедно со верните фанови и купишта музички приврзаници. „Хикси“ во саботата во полната сала „Метрополис“ засвиреа за сите пари. Не оставија рамнодушен ниеден посетител. Под закрила на оф-програмата на фестивалот „Таксират“, шестчлениот состав скоро три часа анимираше илјадници „гладни“ уши. Играње, пеење, скокање, туркање, викање и потење без резерва. Тотално предавање на експлозивно и ритмистично ска, панк, реге, фолк и латино-лудило. Концерт за паметење. За позитивно напојување.
Музичкото мени стартуваше со составот „Чарли хит“. Првата предгрупа донесе рок-призвук и младешки ентузијазам, кој само дополнително ќе го трасира и ќе му даде елан на музичкото педигре на овој бенд во подем. Како загревање се појави и сурф-рок триото „Молокаи“. Сурфери како Мики Дора, Грег Нол, Кен Бредшо, Том Карен, Кели Слејтер или Лејн Бичли сигурно би се инспирирале да „јавнат“ некој бран доколку ги заслушаат битолчаните. Убава увертира за славениците „Суперхикс“.
Главните виновници за полната „Метрополис“ се довозеа на сцена придружувани од незаборавната „Болеро“ од Морис Равел. Публиката ги дочека со насмевки, довикување и со кренати раце. Сето внимание веднаш насочено кон актерите на сцената, а овие возвратија со „Ти треба некој“. Бликаа разнобојни светла, а во заднина се пуштаат снимки од Скопје. Аудио-визуелно доживување. Набрзо Пеце, Борис, Дарко, Горан, Александар и Димитар ги отствиреа и темите „Другар“, „Раде“, „Фрикс“, „Гол“. „Хикси“ првпат концертно го претставија најновиот албум „Африка“. Овој носач на звук главно се занимава со урбаната џунгла - некултурата, ерозијата на моралот, искривените карактери и лажните општествени вредности. Иако албумот излезе пред само десетина дена, голем дел од публиката веќе ги знае и потпевнува песните.
Низ музичката претстава заедно со „Суперхикс“ продефилираа над триесетина ликови. На една тема имаше придружен хор, а повторно на сцена се качија и старите членови на бендот Ивица Ивановски-Папак, Коста Велков, Бранко Илиевски и Зоран Жежов-Кечо. Заедно со средношколци од неколку скопски училишта ја запееја и „Песни глупави“ како заокружување на акцијата што иницира градење културна стратегија, „Кој не слуша, нека игра“. Сосема симпатичен и афирмативен потег, едно логично и спонтано ��родолжение на прогресивниот дух на бендот. Повторно тука беше и долгогодишниот другар и музички копилот на „Суперхикс“, диџеј Славе кој направи сопствено шоу меѓу паузата, за време на настапот, но размрдуваше посетители и до раните утрински часови. Инструменталната банда што го носи името на Суперхик, антихеројот од култниот италијански стрип „Алан Форд“, секогаш умеат добро да ја разиграат публиката. Момците никогаш не се досадни, пататетични и претенциозни во интеракцијата со аудиториумот. Секогаш ведри, енергични и допадливи во обраќањата и звучната комуникација со аудиториумот. Песните универзални, саркастични, бунтовнички, со искрени пораки за сите генерации! До крајот на свирката се свртеа „Знам дека љуби“, „Графити бој“, „Ејс оф спејдс“, „Тоа не сум јас“, „Оптимистка“,„Едно лето“. На последните концерти не бега темата што малку потсетува на „Ратамахата“ од „Сепултура“, именувана „На лута рана“. Папаз повторно грми на тапанот, а Горан ја завладеа гитарата. Шутки на подиум. Сите во вис. Додека траеше „Африка“ и последното отпоздравување, лидерот побара сите од публиката да седнат на земја. И седнаа. По неколку минути Пеце им даде нов знак, музиката продолжи, а низ салата позитивен „бум“. Сите рипаат, сите во екстаза. Кулминација на енергичното напојување во „Метрополис“. Музичка експлозија!
„Суперхикс“ покажаа зошто уживаат статус на стимулативен фактор за добар помин. Секогаш оригинални, музички потковани, но и духовити. Пред неколку дена низ медиумите ја раширија веста дека по овој концерт прекинуваат со работа. Пејачот Пеце потврди дека наскоро ќе „заминат во историја“. Секако, само доколку се оствари пророштвото на Маите за крајот на светот на 21 декември. Во спротивно, „Хикси“ најавија нови свирки, албум, уште многу вакви инспиративни концерти. |