29.11.2012, 14:37 Наталија Бондарчук ќе гостува на филмскиот циклус „Андреј Тарковски“
Кинотека на Македонија информира дека циклусот свечено ќе биде отворен на 4. декември со проекцијата на култниот филм „Соларис“
Руската актерка Наталија Бондарчук ќе гостува на филмскиот циклус „Андреј Тарковски“, што ќе се одржи од 4 до 9 декември во Кинотеката на Македонија, а од 6 до 11 декември во Центарот за култура – Битола.
Како што информира Кинотеката на Македонија, со обраќањето на Наталија Бондарчук и со проекцијата на култниот филм „Соларис“ од А.А.Тарковски, на 4 декември свечено ќе биде отворен Филмск��от циклус „Андреј Тарковски“. Актерката ќе има можност да се запознае со Македонија и македонската кинематографија, ќе зборува за создавањето на филмот „Соларис“ и за реализацијата на филмот „Средби со Соларис“, чија проекција ќе се одржи на 5 декември во 20 часот.
Како дел од програмата, покрај филмските проекции, предвидена е и промоција на книгата „Христијанските слики и симболи и нарацијата во филмовите на А.А.Тарковски“ на Атанас Чупоски, а во издание на Кинотека на Македонија. Промотори на настанот ќе бидат професорите Маја Бојаџиевска и Славица Србиновска. По промоцијата ќе биде прикажан филмот „Сталкер“ на Тарковски.
По гостувањето во Скопје, во Кинотеката на Македонија, Бондарчук ќе гостува во Центарот за култура – Битола, каде пред публиката ќе ги претстави своите филмски искуства.
Во рамки на Филмскиот циклус „Андреј Тарковски“ во Кинотеката на Македонија ќе бидат прикажани и филмовите „Сталкер“, „Ивановото детство“, „Андреј Рубљов“ и „Огледало“.
Филмскиот циклус „Андреј Тарковски“ е реализиран со помош на Рускиот културно-информативен центар во Софија, Руската амбасада во Скопје, Филмскиот фонд на Македонија и Центарот за култура – Битола.
|