30.11.2012, 09:38 Шведска ќе ја поддржи Македонија за преговорите
Шефот на шведската дипломатија, Карл Билт, најави дека неговата земја ќе го поддржи барањето на Македонија за почеток на преговори за членство во Унијата
Шведскиот министер за надворешни работи, Карл Билт, најави дека неговата земја ќе го поддржи барањето на Република Македонија за отворање на преговори за членство во Европската унија на претстојниот Европски совет.
Билт, кој е во посета на Вашингтон, на прашањето дали Шведска го поддржува отворањето на преговорите, согласно препораката на Европската комисија, и без да се реши спорот за името со Грција, одговори со само еден единствен збор „да”.
Препораката на ЕК ја поддржуваат повеќе членки на Унијата, неодамна Австрија и Унгарија, меѓу другите, се изјаснија за отворање на преговори без да се чека на решение на спорот со Грција.
Министерот Билт, како што пренесува дописникот на МИА од Вашингтон, зборуваше во Центарот за стратегиски и меѓународни студии во Вашингтон, каде заедно со поранешниот советник за национална безбедност Збигњев Бжежински дискутираа на тема дали Европа и САД можат да оформат реална глобална стратегија. Како поранешен меѓународен посредник за Балканот, учесник на Дејтонската мировна конференција и висок претставник за Босна, Билт даде свој коментар и на прашањето на српските новинари за Хашкиот трибунал да го ослободи командантот на ОВК и поранешниот премиер на Косово Рамуш Харадинај.
- Сум прочитал пресуди на Хашкиот трибунал за кои сметам дека се добро избалансирани, но и пресуди кои не ме убедија многу. За жителите на Србија, Босна, Хрватска, и сите други држави, ја познавам болката на минатото и знам дека многумина беа убиени. Но, на крајот на краиштата, болката од минатото не може да ги блокира можностите од иднината. Одете кон патот на реформите, по европскиот пат и со помирување кое доаѓа од соработката. Самото тоа што премиерите на Србија и на Косово седнаа да зборуваат еден со друг, што беше незамисливо дури и пред неколку месеци, е позитивен знак. Мислам дека треба да го затвориме поглавјето со трибуналите кои сега не враќаат во минатото. Да ги затвориме трибуналите и да ги оставиме на историчарите, изјави Билт. |