02.12.2012, 13:15 Бруклин му се поклони на шампионот
На Мајами Хит му беше доволна само една серија на поени за да го скрши отпорот на Нетси и на крајот да дојде до убедливи 102:89
Со победата над Нетси (102:89) кошаркарите на Мајами Хит го задржаа стопроцентниот ефект на домашен терен од почетокот на сезоната (8-0). Бранителот на круната со феноменалната игра во второто полувреме не само што успеа да ја надокнади негативата од 14 поени, туку на крајот дојде до убедлив триумф.
Клучниот момент се случи во 26. минута при 73:65 за Бруклин. Во овој дел „жешките“ направија серија од 10-0, која им го донесе водство од 75:73. Ова беше резултат што Мајами не дозволи да се промени до последната минута.
Двен Вејд со 34 поени и седум асистенции беше прво име кај Мајами, Леброн Џејмс додаде 21 поен, девет скока и шест асистенции. Фантастична игра од клупата заврши Реј Ален со 13 поени, две тројки постигна во клучната серија за пресврт.
Чикаго Булс во својот „Јунајтед центар“ по доста неизвесни 48 минути славеше над Филаделфија со 93:88. И покрај тоа што гостите добро се држеа во текот на целиот натпревар, сепак не можеа да се надеваат на триумфот пред се' поради очајниот шут од поле (43,8), што беше доволна причина за да Булси дојдат до шестата победа сезонава.
Лоул Денг повторно беше главна фигура во редовите на Чикаго со 25 поени, седум скока и исто толку асистенции.
Оклахома немаше никакви проблеми на гостувањето кај Њу Орлеанс дојде до убедливи 100:79, а доста рационална шутерска вечер имаше Кевин Дурент, кој постигна 20 поени со 7/13 од поле. Добро го пратија Кевин Мартин со 19 и Расел вестбрук со 12 поени. Кај домашниот состав Рајан Андерсон со 21 поен беше прв стрелец на средбата.
Само еден ден откако беа казнети со 250.000 долари поради одлуката на Грег Попович да ги одмори најдобрите за мечот со Мајами Хит, тимот на Сан Атонио на најдобар можен начин ги демонстрираше своите квалитети. Предводени од тандемот Тони Паркер и Тим Данкан и нивните вкупни 57 поени, Спарси со 99:95 го совладаа составот на Мемфис.
„Сакавме да играме за тренерот Попович и да победиме за него, бидејќи неочекувано се најде под голем притисок од лигата и јавноста. Но никој не може да сфати дека тој работи онака како што е најдобро за нас како тим. Горди сме на овој триумф што му го посветуваме токму нему“, изјави по мечот првата ѕвезда Тони Паркер.
Резултати: Мајами - Бруклин 102:89, Кливленд - Портланд 117:118 (прод), Чикаго - Филаделфија 93:88, Њу Орлеанс - Оклахома 79:100, Хјустон - Јута 124:116, Милвоки - Бостон 91:88, Сан Атонио - Мемфис 99:95 (прод), Далас - Детроит 92:77, Лос Анџелес Клиперс - Сакраменто 116:81, Голден Стејт - Индијана 102:93. |