03.12.2012, 12:42 Игокеа го декласираше Партизан!
И покрај слабата партија на „црно-белите“ во Александровац, Пипан претпазлив со прогнозите за гостувањето во Белград
Наредниот противник на МЗТ Скопје во АБА-лигата, Партизан, ја прикажа една од најслабите партии сезонава. Избраниците на Душко Вујошевиќ во дербито на 11. коло беа поразени на гостувањето кај Игокеа со убедливи 73:50.
Тимот од Александровац одигра одличен натпревар не дозволувајќи им на „црно-белите“ да помислат на победа. Најефикасен во редовите на домашниот тим беше Бркиќ со 17 поени и Јоровиќ со 13 поени и десет скока.
Слабата партија на Партизан, но и изненадувачко добрите резултати на МЗТ Скопје на тешките гостувања, сепак не му даваат за право на Алеш Пипан да најави ново изненадување, на барем по мечот со Шолнок.
„Со Партизан играме во недела. Имаме доволно време да се подготвиме за овој меч. Се надевам дека барем еден од овие четворица повредени кошаркари ќе ни биде на располагање за гостувањето во Белград. Посакувам да одиграме храбар натпревар“, смета Словенецот на кормилото на МЗТ Скопје Алеш Пипан.
По 11. коло МЗТ Скопје се најде на делба на петата позиција заедно со Раднички и Будуќност.
Екипата на Цедевита конечно се израдува на победа, на домашен терен ја совлада Крка со 97:78. За 26 минути во игра Владо Илиевски постигна 12 поени, два скока, две асистенции и две украдени топки.
Дамјан Стојановски во петорката на колото
Дамјан Стојановски втор пат сезонава се најде меѓу петте најкорисни кошаркари за 11. коло во АБА-лигата. Македонскиот репрезентативец средбата против Шолнок ја заврши со 15 поени, три скока и четири асистенции за 32 минути во игра со што дојде до 25 индексни поени.
Покрај Стојановски во петорката на колото се најдоа уште Арон Бејнс (У.Олимпија), Дарко Планиниќ (Широки), Клемен Препелиќ (У.Олимпија) и Александар Шапин (Раднички). (М.К.)
|