03.12.2012, 09:24 Нишкиот аутсајдер го мерка Белград
Наспроти општото уверување, ракометарките ветуваат атака на вториот круг
РОБЕРТ ДИМИТРИЕВСКИ
Без никаква помпа, женската ракометна репрезентација на Македонија утрово во 8 часот заминa за Ниш, каде што од 16 ч. ќе го одржи првиот тренинг во СРЦ „Чаир“, арената во која ќе се одиграат натпреварите од групата Б на јубилејното 10. Европско првенство во Србија. Дури ни најголемите оптимисти не се осмелуваат да се обложат дека избраничките на селекторот Гино Стрезовски ќе се пласираат во вториот круг на првенството, кое од утре до 16 декември ќе ги собере 16 најдобри селекции на Стариот континент. Во конкуренција на светскиот вицешампион Франција, на европскиот вицепрвак Шведска и на трикратниот освојувач на европското злато Данска, за многумина „црвено-жолтите“ се аутсајдери. Дотолку повеќе што не се прославија ни на неодамнешниот „Турчин куп“ во Киев, каде што беа убедливо совладани од Украина, од Унгарија и од Чешка, кои исто така ќе учествуваат на ЕП во Србија.
Но, 16 ракометарки што ќе ја претставуваат Македонија на нејзиното петто учество на еврошампионатите не прифаќаат епизодна улога. Иако се свесни за силата и за педигрето на противниците во Ниш, нивните очекувања се движат од тоа скапо да ја продадат кожата до амбицијата да продолжат во вториот круг во Белград со две победи! Ако се подредат сите коцкички, во српската престолнина би можел да ги одведе и само еден освоен бод, па таму да вкрстат со трите најуспешни од прелиминарната група А, во која се бранителот на титулата Норвешка, потоа Украина, домаќинот Србија и Чешка.
„Многумина не' отпишаа, но тоа дополнително ги крева мотивот и моралот кај девојките. Не' очекуваат три исклучително тешки натпревари во Ниш, сите три против селекции со европски, светски и олимписки успеси. Не ветуваме пласман во вториот круг, но ќе го оставиме срцето на теренот и се надевам дека ќе се видиме во Белград“, вели Стрезовски.
„Секогаш сме давале оптимистички изјави, но овој пат чувствувам дека ќе изненадиме некој од групата. Не ветуваме три победи, ќе одиме чекор по чекор и ќе се обидеме да ја искористиме секоја шанса што ќе ни се укаже“, порачува голманката Тања Андреева, капитен од 2009 година и со своите 34 години највозрасна во македонскиот состав.
Левиот бек Савица Мркиќ е последниот кооптиран член на експедицијата за Ниш како замена за повреденото десно крило Матилда Атанасоска. Во Србија ќе ја нема ни Елена Ѓорѓиевска, која има тешка повреда на скочниот зглоб, но дојде во просториите на Ракометната федерација на Македонија за да се поздрави со соиграчите од репрезентацијата, а Даниела Новеска го пропушта ЕП поради бременост. Испразнетата позиција десен бек ќе ја пополни Јулија Николиќ, која реши да го пролонгира повлекувањето од националниот тим и да им помогне на колешките уште на ова првенство.
Македонија ќе стартува утревечер од 18,15 ч. против Франција, два дена подоцна во истиот термин ќе се сретне со Шведска и на 8 декември од 20,15 ч. ќе го заокружи настапот во Ниш против Данска. |