04.12.2012, 17:30 Велибор Педевски како „Хардеџ“ со низа настапи во Њујорк
Новинарот и колумнист на „Утрински весник“ Велибор Педевски, кој долги години наназад живее и работи во Њујорк, овој месец во „градот кој никогаш не спие“ ќе има неколку концерти со врвни имиња од областа на џезот. Педевски, кој се смета и за најголем познавач на џез-музиката на овие простори, настапува како звучен дизајнер под името „Хардеџ“ („Hardedge“) и зад себе има неколку извонредни изданија на кои настапува со познати музичари.
На 9 декември, Педевски ќе настапи во „The Stone“ како дел од проектот на авангардниот гитарист Брендон Рос насловен „Yet Another Plane“, заедно со Стефани Ричардс на труба и Стому Такеиши на акустична бас-гитара. Рос, освен на акустична гитара, ќе свири и на бенџо. Инаку, Брендон Рос е еден од најистакнатите џез-музичари, и освен како гитарист, се јавува и како вокалист и композитор, а соработува со врвни џез-имиња како Оливер Лејк, Касандра Вилсон, Хенри Тредгил, Арто Линдзи, „Лонч Лизардс“, Буч Морис...
На 13 декември, пак, во рамките на „Нублу џез-фестивал“, Педевски ќе има свој ��ет како диџеј, во иста вечер со познатиот „Сан Ра оркестар“, кој гостуваше и во Скопје пред неколку години во рамките на „Скопски џез-фестивал“. На 14 декември, овој пат во „Трибека“, Педевски повторно настапува со Брендон Рос, но во електричниот проект „Пендулум“ заедно и со Кевин Рос на бас и Крис Едлитон на тапани. (Т.И.) |