05.12.2012, 12:32 (ФОТО) Мини-фалангата го обели образот
Иако нивните миленички на теренот во СЦ „Чаир“ не им дадоа повод за радување и славење, во текот на целиот натпревар со Франција тие имаа бучна поддршка
ФОТО: Денис Дуковски
НИШ - Иако во драстично помал број од машкото Европско првенство јануари, кога настапите на Македонија во Ниш ги следеа по 4.000 македонски навивачи, мини-фалангата од околу 150 фанови го обели образот во мрачниот прв натпреварувачки ден за „црвено-жолтите“ на ова ЕП. Иако нивните миленички на теренот во СЦ „Чаир“ не им дадоа повод за радување и славење, во текот на целиот натпревар со Франција тие имаа бучна поддршка од трибината на која се групираа навивачите дојдени дури и од Берово. Меѓу нив доминираа добитниците од наградната игра на мобилниот оператор „Вип“, кој веќе четири години е партнер на Ракометната федерација на Македонија, како и целиот тим на Вардар СЦБТ, предводен од тренерот Индира Кастратовиќ. Сите заедно со развеани македонски знамиња, со навивачки дресови и со препознатливите реплики на шлемовите од војската на Александар Велики барем за момент потсетија на јануарската еуфорија, кога Ниш беше обоен во црвено и жолто. Го поздравуваа секој успешен потег на ракометарките, го славеа секој гол како да е решавачки, иако Македонија даде само 16 против светскиот вицешампион.
„Од срце им благодарам за тоа што дојдоа да не' бодрат и што направија да се чувствуваме како дома“, не пропушти да ги пофали репрезентативното лево крило Драгана Пецевска.
Македонската „фаланга“ на некој начин го спаси првото коло во Ниш, разбивајќи ја камерната атмосфера на трибините, на кои на прсти можеа да се избројат симпатизерите на другите три селекции во групата. (Р.Д.)
|