09.12.2012, 13:40 „Беј д’фиш“ го најавуваат новиот албум за крајот на светот
Албумот насловен како „At The End Of the Sand“, излегува на 21 декември 2012 година како коментар на четирите милијарди години живот на планетата земја
Како што медиумите најавуваат крај на светот, така македонскиот бенд „Беј д’ фиш“ најавуваат нов албум точно на денот кога треба да се случи „големата апокалипса“. Албумот насловен како „At The End Of the Sand“, односно „На крајот од песокот“, излегува на 21 декември 2012 година како коментар на четирите милијарди години живот на планетата земја, човековото постоење и неговото лудило.
Термините како што се религија, држава, контрола, припадност, општество, еволуција, технологија, историја, цивилизација, планета земја, се само дел од приказната на овој албум. Параноидната слика и прилика на модерниот човек притиснат од наметнатиот начин на живеење, а во тотален недослух со сопственото јас. Историја која стои на стаклени нозе, археологија која се' повеќе и повеќе закопува отколку што откопува... Технологијата која од корисна алатка е претворена во корисник на алатка... Уметност претворена во маркетинг и пропаганда... Религија сведена на банкнота од еден долар...Човековото постоење без никаква вредност.
Приказна која на оваа планета трае со илјадници години и која ако заврши на 21 декември не треба да ни е страв од тоа дека ќе не' снема, треба да ни е страв и срам од тоа дека не' нема. |