12.12.2012, 13:34 Иновациите перспектива на ИКТ индустријата во услови на криза
Бизнисот, науката и државата да ги обединат потенцијалите за креирање иновации, кои се особено значајни во услови на криза, кога само со нови решенија се одговара на предизвиците на конкуренцијата, порачаа учесниците на конференцијата „Ден за иновации“, што се одржува денеска во Скопје, во организација на МАСИТ и Т-брендот.
Според претседателот на МАСИТ Игор Бимбиловски, успешна може да биде само иновацијата што се споделува со повеќе чинители, но тука е важна подготвеноста да се презема ризик. Можеби во период кога бизнисот растеше инвестиравме само во сигурни проекти, но сега треба да размислуваме повеќе да преземаме ризици за иновативни решенија, наведе Бимбиловски.
Иднината на македонската ИКТ индустрија, смета, не треба да се гледа само во Македонија, туку и надвор од неа, а за тоа и треба конкурентност. ИКТ индустријата за 2011 година забележа раст од над 30 проценти и токму иновациите ќе дадат дополнителна перспектива на овој бизнис, порача претседателот на МАСИТ.
Министерот за образование и наука Панче Кралев пред повече од 300 учесници на конференцијата, експерти во комуникациите и ИТ индустријата, се освна на капацитетите на образованието во Македонија за развој на иновациите и најави надградба на поставените основи. По примената на проектот за воведување компјутери во средното и во основното образование сега учениците на технологијата треба да гледаат како на секојдневна алатка за натамошен развој. Тој систем сега треба да се надградува со креирање т.н училници на 21 век, а веќе се работи и на поставување т.н паметни табли за интерактивна настава. Во високото образование, според Кралевски, постојано се вложува во нови лаборатории на факултетите, кои имаат цел да ја поттикнат научно истражувачката работа и да креираат линк со приватниот сектор.
- Тој линк е основата за развој на иновациите во Македонија. Наша основна цел е основното и средното образование да ги запознаат учениците со можностите на технологијата, а високото образование да биде двигател во соработка со приватниот сектор за креирање иновации во насока на подобрување на конкурентноста на македонската економија, оцени Кралев.
Според деканот на Факултетот за информатичка технологија и компјутерско инжинерство ФИНКИ, Димитар Трајанов, лабораториите што се отворени на факултетите се одлична инфраструктура за развој на иновации. Имаме капацитети, но може повеќе, и секој од чинителите, факултетите, државата и бизнисот, треба да го вршат својот дел од работата, посочи Трајанов. Особено значајни, додаде, ќе бидат центрите за иновации што треба да се отворат во близина на универзитетите, места каде често ќе се среќаваат науката и бизнисот и ќе разменуваат кадри и искуства.
Во тек на конференцијата, Македонски Телеком АД – Скопје и Т-Мобиле Македонија објавија конкурс насловен „Партнер за иновации“. Целта е да се разработат нови идеи и концепти кои ќе може да се користат во рамки на интерактивни медиумски апликации, апликации и услуги за е-влада, социјални мрежи и мобилност. Фокусот се става на новите облици на интерактивност и дигитална разонода, како и на комуникации и услуги за подобрување на секојдневието.
По евалуација од експертска комисија, во март следната година, ќе бидат објавени трите најуспешни идеи. За нивна реализација компаниите од Т брендот инвестираат 100.000 евра преку склучување партнерство.
- Ги отвораме вратите за влез и развој на иновации во Македонија, со цел да ја претвориме оваа наша визија во реалност. Ја нудиме можноста секој да ја добие главната улога во унапредувањето на комуникациите од иднината, а за возврат го нудиме нашето искуство, поддршка и инвестиција за реализација на добрата идеја, изјави Даниел Сас, главен извршен директор на МТ.
|