12.12.2012, 14:41 ФБИ фати македонски хакер, направил штета од 850 милиони долари
Во акција на ФБИ на Нов Зеланд се уапсени десетмина хакери поради компјутерски криминал
Македонски државјанин и уште деветмина негови партнери се уапсени во Нов Зеланд во голема акција на американскиот ФБИ против компјутерски криминал. Како што пишуваат тамошните медиуми, групата е осомничена дека преку вирусот „Yahos“ заразиле повеќе од 11 милиони компјутери низ светот, а штетата којашто ја причиниле се проценува на 850 милиони американски долари. Се проценува дека тоа е една од најголемите финансиски малверзации во светот со овој вид криминал. Криминалците краделе приватни податоци, меѓу кои и информации за кредитните картички.
„Во целиот случај е вклучен и безбедносниот експертски тим на ‘Фејсбук‘, чии корисници биле жртви во последните две години, а благодарение на оваа социјална мрежа, хакерите се откриени и приведени“, објавија весниците.
Веста за акцијата денеска беше топ-тема и во балканските медиуми, бидејќи меѓу приведените има хакери од Македонија, Босна и Херцеговина, Хрватска, како и од Нов Зеланд, Перу, Велика Британија и од САД.
Како што тврди ФБИ, хакерите користеле „Butterfly botnet“, односно мрежи на компромитирани компјутери што можат да се користат во разни сајбер-напади на персонални компјутери.
Стручњаците укажуваат дека компјутерскиот криминал е во пораст, бидејќи се' повеќе парични трансакции се одвиваат преку компјутери и мобилни уреди во кои хакерите влетуваат без проблем. (Г.А.) |