13.12.2012, 14:15 Литванија доаѓа за 20-годишнината од репрезентацијата
Од МКФ најавуваат дека на 17 август во Скопје ќе се случи и потсетување на она што се случуваше пред 20 години во полскиот град Вроцлав
Македонската машка сениорска репрезентација својот прв натпревар го одигра во мај 1993 година против Естонија, а одбележувањето на 20-годишнината ќе се случи в година во август. Од МКФ најавуваат дека на 17 август во Скопје ќе гостува репрезентацијата на Литванија, а на овој меч ќе се случи и потсетување на она што се случуваше пред 20 години во полскиот град Вроцлав. Се предвидува во „Борис Трајковски“ да се појават сите кошаркари кои тогаш го носеа дресот на националниот тим, како и првите селектори.
„Тие луѓе што играа на првиот официјален натпревар на националниот тим на самостојна Македонија не смее да бидат заборавени. Исто така сакаме да им оддадеме признание и на првиот селектор Александар Књазев и оние што ја извршуваа функцијата по него. Церемонијата ќе се случи на дуелот со Литванија. Најголем дел од пријателските мечеви во подготвителниот период веќе се договорени, А-тимот ќе има квалитетни контроли пред ЕП во Словенија. Најслаб противник со кој ќе се сретнеме во подготвителниот период е Италија“, изјави генералниот секретар Дејан Лекиќ.
|