14.12.2012, 13:57 Мекејлеб го однесе Фенербахче во топ 16
Македонскиот репрезентативец беше нерешлива енигма на дуелот против Канту, благодарение на неговите 19 поени турскиот тим дојде до убедлив триумф од 77:69
По подолго време Лестер Бо Мекејлеб повторно блесна во дресот на Фенербахче Улкер, неговата фантастична игра овој пат значеше влез во фазата топ 16 во Евролигата. Македонскиот репрезентативец беше нерешлива енигма на дуелот против Канту, благодарение на неговите 19 поени (1/3 за три, 7/10 за два, 3/3 за еден поен) турскиот тим дојде до убедлив триумф од 77:69 за освојување на четвртото место во групата А.
Натурализираниот Македонец во игра мина нецели 30 минути за кои успеа да додаде еден скок, две асистенции, две украдени и загубени топки.
Претходно во наредната фаза од најелитното европско клупско натпреварување место обезбеди бранителот на круната Олимпијакос за кој настапува капитенот на нашата репрезентација Перо Антиќ. Грчкиот тим во рамките на 10. коло во групата Ц синоќа го пречека тимот на Армани.
Во топ 16, за жал, нема да ги гледаме Владо Илиевски и Предраг Самарџиски, кои со нивните тимови Цедевита, односно Литвос Ритас оваа сезона се покажаа во најбледо издание. Самарџиски и литванскиот тим последниот меч од оваа сезона го завршија со минимален пораз од 66:65 на дуелот со Бешикташ, а репрезентативниот центар во него учествуваше со четири поени и три скока. (М.К.) |