14.12.2012, 10:11 Рајс се повлекува, Кери во трка за државен секретар
Сузан Рајс, амбасадорот на САД во Обединетите нации, најави дека нема да се кандидира за државен секретар, по неколкумесечните шпекулации дека таа е изборот на претседателот Барак Обама да ја замени Хилари Клинтон на чело на американската дипломатија.
Рајс се соочуваше со блокада во американскиот Сенат, каде републиканските сенатори бараа од неа да даде објаснување за серија изјави кои ги даде по терористичкиот напад врз американскиот конзулат во Бенгази, на 11 септември, во кој беше убиен амбасадорот Кристофер Стивенс.
Рајс изјави дека нападот бил поттикнат од револтот на Либијците поради навредлив филм за муслиманската вера објавен на интернет, но подоцна американската дипломатија потврди дека се работело за планиран напад на добро вооружена голема група. Претседателот Обама силно застана зад номинацијата на Рајс, во еден момент порачувајќи им на републиканските сена��ори Џон Мекејн и Линдзи Грејем да не се очекува Рајс засега да остане амбасадор во ОН.
По нејзиното повлекување од трката, најсериозен кандидат за државен секретар е сенаторот од Масачусетс Џон Кери, кој беше и претседателски кандидат на Демократската партија на изборите во 2004 година против Џорџ Буш Помладиот.
Кери, сопруг на Тереза Хајнц, богатата сопственичка на кечап-империјата Хајнц, во Сенатот се промовира како сенатор кој е ангажиран на надворешно-политичките прашања, вклучително и со долг ангажман во Сирија.
На местото секретар за одбрана, пак, се очекува да седне поранешниот републикански сенатор од Небраска Чак Хејгл.
Овој сенатор беше поддржувач на војната во Ирак, кој во 2007 година потоа ги стекна симпатиите на демократите со критиките на претседателот Џорџ Буш, и оттогаш фигурира како можен демократски секретар за одбрана, и се очекува шансата да ја добие наскоро, со најавеното заминување на секретарот Леон Панета. |