14.12.2012, 12:31 Полуфинале Србија - Црна Гора!
Домаќинот подобар од директниот конкурент Франција со 18:17, Норвешка против Унгарија во другиот полуфинален дуел
Ексјугословенската пресметка меѓу Србија и Црна Гора утре од 17 часот во арената „Комбанк“ во Белград ќе биде шлагер на полуфиналето на јубилејното 10. Европско првенство за ракометарки. Во другиот полуфинален дуел од 14,30 ч. бранителот на титулата Норвешка ќе игра со Унгарија, а претпоследниот натпреварувачки ден ќе го отворат Данска и Русија од 12 ч., кои ќе играат за петтото место. Црногорките и Унгарките изборија и директно учество на Светското првенство в година, со оглед на автоматскиот пласман на домаќинот Србија и на шампионот Норвешка. Норвешка ја освојуваше европската титула на последните четири шампионати, за Унгарките ова е прво полуфинале по 2004 година, а за Србија и за Цр��а Гора прво воопшто.
Ова е разврската по вториот круг на шампионатот, во кој домаќинот го пополни последното испразнето место што води во борбата за медалите. Србија славеше со 18:17 над директниот конкурент, светскиот вицешампион Франција, со што ја направи залудна победата на Данките над Норвежанките од 35:33. На тој начин Србинките го повторија успехот на колегите од машката репрезентација, кои исто така на ЕП на домашна почва во јануари играа во полуфиналето со ексјугословенски ривал, во случајот Хрватска.
На избраничките на селекторот Саша Бошковиќ им одговараше и реми, но од самиот почеток на средбата дадоа на знаење дека одат на победа, добивајќи го првото полувреме со 10:6. Но, „триколорите“ не се уплашија од 10-илјадната бучна поддршка за противникот и во второто полувреме стигнаа до пресврт, поведувајќи со 17:16 седум минути до крајот. Возвратија Рајовиќ и Огненовиќ, Лакрабер и Менди направија технички грешки, па Томашевиќ и' одбрани „зицер“ на Дембеле, по што Бодуан не реализира седмерец, за на крај српската голманка да го скроти ударот од Тервел од контранапад. Катарина Томашевиќ мечот го заврши со 18 одбранети удари и беше јунак во историската победа на својот тим, кој првенството го дочека со девет порази во низа на еврошампионатите, а изгуби и од Норвешка на стартот.
„Плачам, но ова се солзи-радосници и можеби малку и од болка. Имавме сон и го остваривме. Целосно го заслуживме ова“, не ја криеше радоста десното крило Јелена Поповиќ, ексракометарка на некогашниот европски првак Кометал Ѓорче Петров. „Очекувам фино балканско полуфинале против Црна Гора. Се познаваме меѓу себе од домашната лига и имам голем респект за нив“.
ПРВ ПОРАЗ НА НОРВЕШКА
Група 1 од вториот круг во Белград, последно коло: Чешка - Шведска 26:35, Србија - Франција 18:17, Норвешка - Данска 33:35. Конечна табела: Норвешка 8, Србија 7, Данска 6, Шведска 5, Франција 4, Чешка 0.
Група 2 од вториот круг во Нови Сад, последно коло: Шпанија - Црна Гора 23:27, Германија - Романија 25:23, Унгарија - Русија 25:31. Конечна табела: Црна Гора 8, Унгарија 6, Русија 5, Германија 5, Шпанија 3, Романија 3.
ГЕРМАНКИТЕ НА КРАЈОТ СЕДМИ
Конечен поредок: 7. Германија, 8. Шведска, 9. Франција, 10. Романија, 11. Шпанија, 12. Чешка, 13. Хрватска, 14. Украина, 15. Исланд и 16. Македонија.
|