14.12.2012, 09:13 Внимателно возење - голомразица и одрони на повеќе патни правци
Сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци низ Македонија се одвива во зимски услови, по влажни коловози.
Поради многу ниски температури можни се подмрзнувања. Се препорачува исклучително внимателно возење и прилагодување на брзината на движење кон условите на патот.
Забрана за движење на камиони и автобуси има на патниот правец Тетово-Попова Шапка.
АМСМ препорачува поголема внимателност на патните правци Дебар - Струга, Маврово - Дебар, Катланово - Велес и Демир Капија - Удово каде има почеста појава на одрони кои може да го попречат движењето на возачите.
Повнимателно управување со возилата е потребно и на магистралниот пат М-1 делница Катланово - Велес, каде се одвиваат работи за реконструкција на патот за што има поставено соодветна сообраќајна сигнализација.
Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолготрајни задржувања за влез и за излез од државата.
АМСМ потсетува дека од 15.11.2012 година стапи во сила законската обврска за поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска трае до 15.03.2013. |